Одложена е Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во врска со актуелните сомнежи за незаконско прислушување од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година. Од собраниските служби нема образложение за одложувањето на седницата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши за денеска во 11 часот ја имаше закажано седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Во известувањето за закажаната седница стоеше ека со неа ќе претседава пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Славјанка Петровска.
Иницијативата дојде по јавниот повик на членот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, кој побара итен состанок за да се утврди датум за официјална посета во АНБ и директен увид во состојбите. Според него, станува збор за сериозни сомнежи кои ја нарушуваат довербата во институциите и демократијата.
Претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, пак, одби да ја свика седницата, велејќи дека е дискриминиран затоа што повеќе од една година нема одговор на барањето за безбедносен сертификат, што го оневозможува пристапот до класифицирани информации.