Се огласи АНБ: Доколку постојат сознанија за бегство на Камчев, должни сме да го известиме ЈО

од Nikola Popovski
330 прегледи

„Доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно Обвинителство“, соопштија вечерва од Агенцијата за национална безбедност во врска  со случајот со определување на притвор за Јордан Камчев.

Ова како што се наведува, е во рамки на надлежностите на Агенцијата.

„Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно Обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд  – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека од Агенцијата за национална безбедност со службена белешка, која е класифициран документ, бил информиран за причините за приведување на Орце Камчев и ги оценува како сериозни.

„Нормално дека сум информиран од институцијата што е под надлежностна Владата, Агенцијата за национална безбедност преу службена белешка, строго доверливо,  за деталите за поднесокот пред  ЈО. Тие се строго доверливи и не можам да да ги коментирам, но можам да кажам дека се сериозни причини кои биле основ да посегнат по една ваква белешка да ја достават до надлежен орган, до ЈО кое понатаму одлучува, презема дејствија или не и кое еве одлучило да преземе пред судот и судот донел одлука“, соопшти премиерот.

Камчев беше приведен во неделата по информации на АНБ дека се подготвува за бегство. Обвинителката Лиле Стефанова побара притвор за Камчев како осомничен во истрагата “Плацевите на Водно”.

Слични содржини