Се огласи девојката од Скопје по која се трагаше: На страницата „Најди ме“ сè уште стои дека е исчезната

од Nikola Popovski
282 прегледи

Иако граѓаните вчера се кренаа на нозе по пријавата за исчезнатата девојка Симона Стојкова, ситуацијата целосно се искомпликува откако лично девојката се огласи синоќа на социјалните мрежи и објави дека објавата за нејзино исчезнување е лажна.

-Драги пријатели,сите што ме познавате лично и оние што не ме познавате, објавата денес што се прошири дека сум исчезната е ЛАЖНА !!! Се кренала лажна тревога!!! Благодарам за трудот и загриженоста да ме најдете но се работи навистина за лажна тревога! Поздрав! Симона, стои во објавата на социјалните мрежи на профилот на девојката.

Вест за исчезнатата, со нејзина фотографија и апел до јавноста за информации, масовно се споделуваше на социјалните мрежи. Симона Стојкова, 35 години, се јавила со врисоци од туѓ телефонски број вчера, откако е исчезната – пишува на страницата за рано предупредување за исчезнати деца „Најди ме“. Таму се уште стојат податоците дека е исчезнато лице.

-Последен пат е слушната токму на денот на исчезнувањето, кога се јавила по телефон со врисоци од бројот 076 851 228, по што повеќе не е достапна. Симона има кафена коса, кафени очи, висока е околу 175 сантиметри, и носи очила, пишува во описот на „Најдиме.орг.мк“.

Од Министерството за внатрешни работи кратко информирале дека кај нив не е пријавено исчезнување на девојката од Скопје.

„Најди ме – Систем за рано предупредување за исчезнати деца“ е воспоставен од Новинари за човекови права како дел од „Пилот -проектот за систем за рано предупредување за исчезнатите деца“ во Македонија во соработка и под проектен менаџмент на ЕКПАТ Австрија, а со финансиска поддршка на Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија.

Слични содржини