Се огласи градоначалникот на Василево: Се шират целосни лаги и апсолутни невистини за мене

од Nikola Popovski

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев ги демантираше информациите објавени во одредени медиуми дека му е одреден притвор заради изборен поткуп.

„Последните денови, против мене како Градоначалник, но и како човек, со лажни вести од одредени структури се врши своевиден атак врз мојата личност. Очигледно е дека целта на овој континуиран напад е да се дискредитира мојата работа како градоначалник, но и да бидам оцрнет како човек, кој секогаш работи одговорно и чесно . Запрепастен сум од жестината на нападите и клевити, за кои сметам дека е апсолутно апсурдно да ги коментирам и во овој специфичен период да подгревам нечии страсти. Разрешницата ќе ја барам во рамки на институциите, бидејќи тоа е единствениот пат по кој правдата и вистината ќе излезат на виделина и единствениот начин што јас, а и целиот цивилизиран свет го признава како меродавен“, соопшти Јанев.

Тој најодговорно тврди дека т.н информации што определени медиуми ги пласираат за него и ги шират преку социјалните медиуми се целосни лаги и апсолутни невистини.

„Со чисто срце и разум целосно ги отфрлам и демантирам и притоа упатувам апел, лудилото да му отстапи место на разумот и конечно сите да престанат да ја трошат својата креативна енергија и потенцијал на лаги и клевeти туку на нешто позитивно и добро. Јас како градоначалник на општина Василево и како човек, единствениот пат по кој досега чекорам е патот на макотрпната, чесна , одговорна и отчетна работа. Така ќе биде и понатаму. А вистината е само една и се надевам дека многу брзо ќе излезе на виделина“, напиша Јанев на својот Фејсбук профил.

Слични содржини