Се огласи Пекер по случајот „Двојник“: Немам фалсификуван пасош, свесно се нарушува мојот углед

од Nikola Popovski
266 прегледи

Турскиот државјанин, Седат Пекер, за кого ВМРО-ДПМНЕ објави дека добил македонски пасош со лажен идентитет, а премиерот Зоран Заев рече дека бил протеран од Македонија, преку своите адвокати се јави со демант.

Тој денес соопштил дека не поседува фалсификуван пасош со негова фотографија и туѓ идентитет.

„Имајќи во предвид дека пракса на новинарството и новинарската етика, пред да се објави било каква вест, треба да се побара и став и мислење од другата страна, што во конкретниот случај не е запазено, бараме демантот од страна на Реис Седат Пекер за оваа вест која одекна во медиумите за фалсификувана патна исправа со негова фотографија и туѓ идентитет, да се објави во целост на вашиот портал, како што е правило и пракса во објективното новинарство. Реис Седат Пекер категорично и целосно ги отфрла содржината на насловите и прилозите емитувани на порталите и медиумите како невистинити и тендециозни. Дезинформирањето на јавноста, со свесна намера да се наруши угледот на господинот Седат Пекер се гледа од тоа што прилозите се подготвени надвор од професионалните новинарски стандарди, а пренесените вести се во целост лажни“, велат во соопштението.

Од таму посочуваат дека Реис Седат Пекер бара јавно извинување за објавените прилози во истите термини и формати (вести) каде се емитувани прилозите за него.

„Објавата на овој демант ќе се смета за јавното извинување прочитано во целост и во форматот во кој е емитувано на сите портали. Во спротивно ќе бидат преземени сите правни механизми вклучувајќи и судска заштита во насока на зачувување на интегритетот, честа и угледот на засегнатите страни“, се додава во соопштението.

Најголемата опозициска партија вчера објави дека „Спасовски и Заев ја потценуваат интелигенцијата на народот и мислат дека ќе му продадат приказна, дека некој службеник од пасошко одделение ги познава наркобосовите Пекер и Вукотиќ и може да им издаде пасош со друг идентитет, без за тоа да нема логистика од цела вертикала во МВР до Спасовски, а притоа за тоа да е информиран Зоран Заев“.

„Според информациите од билтен на МВР Седат Пекер бил протеран од Македонија на 19 јануари годинава, а четири дена потоа се сликал за лична карта во полициска станица“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев, пак, денеска одговараше на конкретно новинарско прашање за тоа дали Пекер се среќавал со негови коалициски партнери. Во одговорот Заев не негираше дека Пекер е еден од оние кои добиле фалц пасош и притоа нагласи дека „тој што работел на нелегалното издавање пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи“.

„Господинот што го спомнавте е еден од тие што добиле фалсификуван пасош, истовремено е осомничен за одредени дела во Турција. МВР го избрка како персона нон грата од државата по други видови постапки. Секако тој што работел на нелегалното издавање пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи. За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба. Но институциите функционираат и го дадоа резултатот“, рече Заев.

Слични содржини