Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „целосно информиран за ужасниот инцидент што се случи во близина на националниот аеродром Реган“.
„Господ да ги благослови нивните души. Им благодариме на спасувачите што напорно работет на терен. Ја следам ситуацијата и ќе соопштам повеќе детали кога ќе бидат познати“, се цитира претседателот Трамп во соопштението од Белата куќа.
Сепак, од друг извор, Трамп ги довел во прашање постапките на тричлениот екипаж на хеликоптерот и контролорот на летање, пренесува АП. -Зошто хеликоптерот не се спуштил или не се свртил, зошто контролната кула не му кажала да го стори тоа, наместо да прашуваат дали можат да го видат авионот, навел Трамп, пренесуваат од агенцијата.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на социјалната мрежа „Х“ соопшти дека „Министерството за одбрана е известено и активно ја следи ситуацијата“.
Несреќата се случила синоќа околу 21 часот по локално време.
Федералната управа за авијација (ФАА) соопшти дека авион на „Американ ерлајнс“, кој доаѓал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер непосредно пред да слета на пистата.
Во хеликоптерот имало тројца војници, но немало високи воени функционери.
Според податоците на ФАА, во авионот на Американ Ерлајнс имало 60 патници и четворица членови на екипажот, што подоцна било потврдено од авиокомпанијата.