По снимката на која тренерот по теквондо ѝ удира шлаканица на осумгодишната натпреварувачка од Косово која загубила од Србинка во финалето на турнирот во Тирана, тренерот Ваљмир Фетиу се огласил и во изјава за косовските медиуми открил дека станува збор за неговата ќерка Валина. Како што вели, тој ја удрил не затоа што изгубила од Србинката, туку затоа што била „дезориентирана и не можела да го прифати поразот“.
„Таа е моја ќерка и никој не ја сака повеќе од мене. Во моментот кога девојката беше дезориентирана и лута што загуби од српската натпреварувачка, лежеше на земја не можејќи да го прифати поразот. Едноставно сакав да јал смирам и да и дадам до знаење дека и покрај поразот таа е вицешампионка и дека ќе има други можности“, изјавил Фетиу.
Тој истакнал дека медиумите во Косово „паднале на српската пропаганда“.
„Медиумите во Косово паднаа на српска пропаганда затоа што се обидоа да му дадат поинаква насока на тој момент. Повторувам, јас сум нејзиниот татко, мојата сопруга исто така, мајката на Валина беше таму, неколку метри од неа. Ниту еден Србин или Бошњак не може да ја сака мојата ќерка повеќе од нејзините родители. Со Валина работам 12 месеци за ова натпреварување и ќе работам за неа до крајот на мојот живот“, рекол тој за „Клан Косова“.
Фетиу ги обвини судиите за поразот.
„Јас сум воен ветеран со хендикеп, мора да знаете колку ги мразам Србите. И мојата ќерка ја има истата омраза и по секоја цена сака да ги победи Србите. Српските медиуми го направија тоа, бидејќи знаеја дека нивната спортистка ќе загуби од Валина, но работата за малку излезе од контрола и ја загуби борбата во финалето“, додал Фетиу.
Се појави информација дека тренерот добил шестмесечна суспензија.