Јеменските Хути денеска извршија напади со беспилотни летала врз израелски, британски и американски бродови во Црвеното Море поради обновените израелски напади врз Појасот Газа.
Портпаролот на јеменските Хути, генерал Јахја Сари, изјави дека биле нападнати два израелски брода, Unity Explorer и Number Nine, кои, според него, ги игнорирале предупредувањата на морнарицата на Хутите, пренесува „Ројтерс“.
Сари рече дека Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат израелските бродови во Црвеното Море и дека „Јемен води судбоносна битка со израелскиот окупатор САД“, пренесе либанската телевизија Ал Мајдин.
Претходно, компанијата за поморска безбедност „Амбреј“ соопшти дека добила извештаи дека британски товарен брод бил погоден со проектил додека минувал низ Црвеното Море.
„Британски товарен брод под знамето на Бахамите, наводно, бил погоден со проектил додека минувал низ Црвеното Море, приближно 34,5 километри северозападно од Мока, Јемен“, соопшти компанијата, пренесе „Еуроњуз“.
Пентагон малку подоцна објави дека биле извршени неколку напади врз бродови во Црвеното Море, меѓу кои и американскиот разурнувач USS Kerni.
Американски официјален претставник кој сакал да остане анонимен рече дека нападот на USS Kerni започнал околу 10 часот по локално време во близина на јеменскиот град Сана и траел пет часа.
Друг американски функционер рече дека Kerni пресретнал најмалку еден дрон за време на нападот.