Се огласија од Кабинетот на Гаши по претставката за дадената заклетва

од Nikola Popovski
565 прегледи

Се огласија со реакција од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши по претставката на пратеничката на СДСМ и министерка за култура во заминување, Бисера Костадиновска-Стојчевска поради заклетвата. Од Кабинетот на Гаши велат дека употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот.

„Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со Уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Спикерот Гаши се залага и гарантира дека сите собраниски процедури, согласно правата и обврските кои произлегуваат од законите, го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество“, се вели во реакцијата на Кабинетот на Гаши.

Костадиновска Стојчевска вчера соопшти дека поднела претставка до Инспекцискиот сектор при Министерството за култура против Гаши бидејќи прво ја прочита заклетвата на албански, а потоа на македонски јазик.

-Не може и не смее да се премолчи за заклетвата дадена на скандалозен начин од првиот човек на Собранието. Поради оваа причина веќе поднесов претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура и ќе продолжам да ги користам сите механизми кои во моментов се достапни за заштита и употреба на македонскиот јазик, наведе пратеничката потсетувајќи дека Законот за употреба на македонскиот јазик прецизно ја афирмира правичната употреба на македонскиот јазик.

За разлика од Гаши, неговиот претходник Талат Џафери и во 2017 и во 2020 година заклетвата ја кажа на македонски јазик.

Слични содржини