Пристигнаа првите реакции од СДСМ за поставувањето на Артан Груби на ажурираната американска црна листа со санкции. Доцна синоќа пред полноќ, партијата на Венко Филипче ја поздрави одлуката на Стејт департментот на САД и ја смета за исклучително значајна поддршката на стратешките партнери на Македонија во борбата против корупцијата и криминалот.
Од СДСМ потенцираат дека сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во земјава.
-Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани, стои во соопштението.
Американскиот Стејт департмент синоќа ја „освежи“ црната листа на која се најдоа поранешниот вицепремиер и актуелен член на ДУИ, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети.
Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Мијалков беше назначен во 2022-ра година за значителна корупција. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби.
Стејт департментот презеде акција за ограничување на визите на поединци кои овозможиле, олесниле или на друг начин биле вмешани во значителна корупција и на членовите на нивните потесни семејства.