Се ограничува цената на училишниот прибор: Моливите се продавале по 120, а увозно чинеле 54 денари

од Nikola Popovski
66 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовира мерката „Помалку трошоци – повеќе за сите“, со цел помош на семејствата кои имаат ученици, за да се намалат трошоците за набавка на училишен прибор. Со оваа одлука се ограничува највисоката профитна маржа на тетратките, ранците, боичките, пластелин, фломастери, четки, гумички, линеари, водени боички, детски ножици, шестари, дигитрони…

На големо маржата ќе биде ограничена на 5%, додека на мало на 10%.

-Имаме да речеме, пример за маркерите – увозна цена е 60,1 денар, во малопродажба е 130 денари. Јаглен за цртање, увозната цена е 68,6 денари, а во малопродажба е 200 денари. Кај боиците, ако увозната цена е 69 денари, се продаваат од 120 до 150 денари. Кај моливите имаме од 54,1 денари увозна цена, се продаваат по 120 денари. Тетратки А4 – увозна цена од 40,1 денар, малопродажна цена 85 денари. Минимум двапати, а некаде и повеќе. Цениме дека со ова на половина би се намалил трошокот, кажа Мицкоски презентирајќи ја мерката во Владата.

Премиерот најави дека и понатаму „ќе има вакви ограничувања на маржите и профитот на поединци кои на ваков начин генерираат високи профити“.

На новинарско прашање зошто порано не се донесе оваа мерка, Мицкоски вели дека не е задоцнета.

-Секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството. Откако беше констатирана состојбата во малопродажбата, тогаш веднаш се реагираше. И мене не ми паѓа на памет, производ со увозна декларација од 50 денари, да се продава по 150 и 180 денари. Убеден сум дека ќе се заштеди барем половина од буџетот на семејствата. Во периодот што ќе следи ќе има и други мерки кои ќе значат заштита на есенската кошничка, одговори премиерот.

Слични содржини