Се отвора патот за седмиот член на ДИК

од Nikola Popovski

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски изјави дека се повлекол еден од двајцата кандидати за член на ДИК, со што како што кажа е отворена можноста собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата да го утврди кандидатот за пополнување на испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК) и да го испрати предлогот за гласање на пленарна седница.

Беа пријавени двајца кандидати – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили поддржан од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа. Како што кажа Мицевски, кандидатот кој се повлекол е поранешниот пратеник Адили.

Според изјавата на Мицевски, која ја пренесува државната новинска агенција МИА, кандидатот за пополнување на местото во ДИК ќе биде Абдуш Демири, кој беше предложен од страна на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“.

„Она што е добро и што сакам да го спомнам денес е дека информациите коишто ги имаме се дека проблемот што постоеше во Комисијата за избор и именување, односно со неповлекувањето на двата члена за пополнување на едното испразнето место за албанската опозицијата, еден од кандидатите ги повлекол документите. Така што, отворени се можностите на Комисија да донесе одлука и да ја испратиме до пленарна седница, значи материјал врз основа на којшто еден од кандидатите, мислам дека се викаше Абдуш Демири ќе биде кандидат за пополнување на местото во Државна изборна комисија“, изјавил Мицевски.

Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда пред една година, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник на опозицијата со втор најголем број пратеници во Собранието.

Слични содржини