Се појави нов извештај: На Навални му биле врзани рацете и нозете неколку часа пред смртта?

од Nikola Popovski

Алексеј Навални, рускиот опозициски лидер кој почина во затвор на 16 февруари оваа година, бил „цврсто врзан за рацете и нозете“ четири до пет часа пред да биде прогласен за мртов, се вели во новиот извештај.

Руската организација за човекови права „gulagu.net“ тврди дека форензичарот кој го прегледал безживотното тело на 47-годишниот лидер на опозицијата бил под притисок на тајните служби да ги сокрие неговите откритија.

Првичните руски извештаи велат дека Навални починал од „згрутчување на крвта“ во далечниот затвор „Поларен волк“. Реанимацијата траела половина час, но и покрај напорите на лекарите, опозиционерот починал. Условите во затворот биле тешки, при што се сомнева дека дополнително влијаеле на неговото здравје.

„Експерт за судска медицина бил под притисок да го скрие откривањето на згрутчување на крвта во мускулите на рацете и листовите“, се вели во новиот извештај, ги пренесува „Телеграф“ пишувањата на „Дејли Мејл“.

Тоа укажува на „формирање на згрутчување на крвта како резултат на нарушување на нормалната циркулација на крвта“. Изворот тврди дека форензичарот наводно бил „склон да верува дека Навални бил врзан за раце и нозе четири до пет часа пред почетокот на биолошката смрт“.

Неговите екстремитети биле „цврсто врзани така што крвта стагнирала и во неа се формирале згрутчување на крвта, кои потоа ја блокирале пулмоналната артерија и крвните садови на мозокот“, се вели во соопштението на организацијата на чие чело е Владимир Осечкин.

Не се понудени никакви докази за тврдењата за директно физичко малтретирање, но западните лидери и другите руски опозиционери веќе наведуваа дека Навални наводно бил убиен по наредба на Владимир Путин.

Слични содржини