Сè повеќе млади луѓе заболуваат од рак, а бројот на заболени расте двојно побрзо кај помладите од 50 години, покажа истражувањето спроведено од научници во Велика Британија. Новите докази покажуваат дека порастот на ракот е поврзан со штетните бактерии во цревата и хроничното воспаление предизвикано од исхраната, пишува „Тајмс“.
Стапката на рак кај Британците на возраст од 25 до 50 години е зголемена за 24 отсто од 1990 година, што е поголем пораст од која било друга возрасна група. Истражувањето покажа и дека овој процент ќе се зголеми до 2040 година. Второто највисоко регистрирано зголемување на бројот на заболени, 16 отсто, е забележано кај лицата помлади од 25 години, додека најмало зголемување, 10 отсто, има кај оние над 75 години.
Експертите проценуваат дека нов фактор на ризик за рак е промената на исхраната во последните 30 до 40 години, како што е употребата на засладувачи во преработената храна.
Податоците се објавени од најголемата светска независна организација за истражување на ракот, Британска организација за истражување на ракот („Cancer Research UK“), на состанокот на Американското здружение за клиничка онкологија (ASCO) во Чикаго.
На конференцијата било утврдено дека пациентите во почетна фаза на рак на дебелото црево имаат повеќе штетни цревни бактерии, што се поврзува со лошата исхрана и преработената храна.
Овие бактерии може да доведат до хронично воспаление или мутации во ДНК, кои предизвикуваат формирање тумори.
Научниците од Државниот универзитет во Охајо, исто така, открија дека луѓето на возраст под 50 години со рак на дебелото црево имаат клетки кои изгледаат 15 години постари од нивната реална возраст, потенцијално поради оштетување од долгорочно воспаление поврзано со штетни цревни бактерии, според „Тајмс“.