Во понеделник почнува комисиската расправа за предлог-буџетот за идната година, а според последните информации од Собранието во моментов шестмина пратеници се спречени да дојдат на работа поради коронавирусот.
За да им овозможи и на нив да се вклучат во работата на седниците, претседателот на Парламентот, Талат Џафери предлага тие да можат да работат од дома, односно со дополнување на деловникот за работа, бара пратениците со позитивен тест и со решение за изолација поради контакт со заболено лице да може онлајн да се вклучат.
Засега Џафери поддршка има само од парламентарното мнозинство, кое и претходно бараше онлајн седници. Додека опозициската ВМРО ДПМНЕ останува на ставот дека таквиот начин на работа на законодавниот дом е противуставен.
„Досега до нас како пратеници нема стигнато никаква иницијатива, ниту предлог за онлајн работа на Собранието. Нашиот став по однос на ова е веќе познат во јавноста, а тоа е дека ова работење е неуставно според членот 69 од Уставот на Република Македонија“, изјавил пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов одговарајќи на новинарско прашање.
Според Јорданов, овој член од Уставот јасно прецизира дека Собранието може да работи, да заседава и да одлучува со присуство на мнозинство пратеници од вкупниот број на пратеници.
Јован Митрески од СДСМ напомена дека вакви примери на комбинирано работење на Парламентите има низ целиот свет.
„Затоа ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност, да ги поддржат измените на Деловникот, за да може Собранието непречено да ја извршува својата работа и да им служи на граѓаните“, вели Митрески.