Во јули со посредство на ЕУ ќе се одржи состанокот на министрите за транспорт на Унгарија, Србија, Бугарија, Турција, Северна Македонија, Грција и Албанија, на кој ќе биде договорено продолжување на пругата од Скопје до Турција во два крака, открил српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ во ексклузивно интервју за „Еуроњуз Србија“.
„Едниот крак ќе оди кон Албанија, другиот кон Бугарија, Грција и Турција, така што нашата брза пруга кога ќе биде целосно изградена ќе се поврзе со нив“, додал тој.
Србија во моментов гради брза пруга од Белград до Ниш, а со оглед на тоа што има уште 130 километри до границата со Македонија, Весиќ вели дека тој и неговиот македонски колега ќе потпишат договор во кој двете земји заеднички ќе се појават пред ЕУ за продолжување на пругата за уште 50 километри од Прешево до Скопје.
„Има смисла Ниш да се поврзе со Скопје и во таа смисла утре ќе ги поврземе не само Скопје и Ниш, туку и со Белград, Будимпешта – кога ќе заврши таа делница од железницата. Тоа ќе биде уште еден заеднички проект меѓу Србија и Северна Македонија“, потенцлрал Весиќ.
Весиќ најавил и работа на делницата кон Шид, поради што наесен ќе има средба со колегите од Хрватска, Словенија, Австрија и Италија.
„Ќе ги направиме тие 90 километри до Шид, така што ќе имаме цела мрежа на брзи железници на Балканот што целосно ќе ги промени животите на сите луѓе што живеат овде, ќе го поврзе нашиот регион“, вели тој и продолжува:
„Среќен сум што успеавме да ги собереме земјите кои се членки на ЕУ, како Грција и Бугарија и Унгарија, како и земји кои не се. Тоа е нешто што не очекува, каде што ќе ја донесеме Белградската декларација, која ќе биде основа за проширување на мрежата на сите брзи железници во нашиот регион“, заклучува Весиќ во интервјуто.