Се размислува за поставување скенери во моловите после вчерашното пукање во „Ист Гејт“

од Nikola Popovski

Безбедноста не е загрозена и полициските служби се постојано на терен. Работевме и во рамките на Безбеден град и безбедно лето. Посебен фокус ставаме на Скопје заради големината. Ние во периодов имаме извршено проверка на идентитет на над 3312 лица. Лишени се од слобода 37 лица, во рамките на акцијата „Безбедно лето“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи го вчерашното пукање во „Ист Гејт Мол“ и обидот за убиство врз Раде Трајковски – Штекли.

Спасовски посочи дека полицијата работи на расветлување на случајот. Според него, нема пропуст.

-Веќе активно се работи и формиран е посебен штаб во СВР Скопје. Приклучени се повеќе сектори и се прибираат информациите, за да се утврдат фактите, да се најде сторителот и мотивите во однос на овој настан, рече министерот.

Додаде дека во град како Скопје, криминални активности се случуваат секојдневно и дека работата на полицијата е да работи постојано во подобрување на безбедноста.

Спасовски смета дека вчерашниот инцидент беше изолиран.

-Неколку пати отворивме дебата во рамките на МВР за поставување на скенери во трговските центри. Очигледно е дека треба да се донесе некакво решение или правен акт, со кое ќе се задолжат моловите да преземат мерки кои ќе значат заштита на граѓаните и самите објекти. Тоа е само размислување и очекувам да се даде предлог кој треба да се дебатира, одговори министерот на новинарско прашање.

Слични содржини