Се регулира влезот и излезот на патници: Автобусите од денеска ќе сообраќаат во две смени

од Берта Китинска

Автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници од денеска продолжуваат да сообраќаат во две смени, односно од 5 до 9 часот, па од 13 до 19 часот.

Фото: Борче Поповски

Како што соопшти ЈСП „Скопје“, автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред. Граѓаните ќе можат да го погледнат распоредот на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.

Од 7.30 до 17 часот ќе работат билетарниците во Аеродром, Ѓорче Петров, Драчево, Маџари, Бутел (пазар), билетарницата на Зелен пазар и таа во Автокоманда, кај Дирекцијата на ЈСП „Скопје“.

Во истиот период ќе бидат отворени и центрите за персонализација во Карпош 2, на Бит пазар и центарот на Транспортен центар. Услугите на ЈСП „Скопје“ можат да се купат и во над сто маркети и трафики кои се дел од секундарната продажна мрежа (прегледот на локации е достапен на фејсбук страната на ЈСП „Скопје“), чие работно време зависи од одлуката на сопствениците на субјектите.

– Новиот, изменет режим на функционирање на јавниот превоз и работното време на билетарниците и центрите за персонализација, ќе важи во наредниот период, сѐ до новите препораки на надлежните институции, се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“.

По реакциите на граѓаните кои користат градски превоз дека има гужви и турканици пред да заврши полицискиот час во автобусите од Јавното градско претпријатие за Локално објаснуваат дека внатрешната контрола  во текот на изминатите денови регистрирала поголема фрекфенција  на патници од дозволениот, оптимален број на неколку линии (57, 58, 63, 65), па веднаш биле пуштени дополнителен број на возила.

Според новата Уредба донесена од Владата не дозволено повеќе да има метеж и турканици во автобусите на јавниот градски превоз, како што беше тоа до пред велигденските празници.

Од Јавното градско претпријатие (ЈСП) велат дека мерката кај нив успешно се спроведува уште од 17.04.2020 година.

-ЈСП ги презеде сите мерки да ја испочитува донесената уредба за превоз за време на вонредната состојба.Во речиси сите возила, има лице задолжено да го регулира влезот/излезот на патници, односно да го одржува оптималниот број на патници согласно уредбата.Имено, се дозволува возилата да бидат исполнети со 50% од вкупниот капацитет на возилото за превоз на патници.Во двокатните автобуси, возачот е физички одделен од патниците, а во нископодните, тој е одделен од патниците со соодветна лента, велат од претпријатието.

 

Слични содржини