„Западните земји се обидуваат да изведат обоена револуција во Србија“, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин за време на пленарната седница на 22-от годишен состанок на Дискусионниот клуб Валдај, објавија руските медиуми.
„Се согласувам со претседателот Вучиќ, а нашите специјални служби го потврдуваат ова: некои западни центри се обидуваат да организираат таква обоена револуција, во овој случај во Србија“, рече Путин, пренесува „Известија“.
Рускиот лидер нагласи дека обоената револуција е нелегално преземање на власта, нагласувајќи дека ваквите револуционерни промени со учество на надворешни сили се внатрешно прашање на самата Србија, а Русија нема намера да се меша во овие процеси.
РТ на руски јазик ја пренесува изјавата на Путин дека „секогаш има луѓе, особено млади луѓе, кои не се многу запознаени со вистинските проблеми, позадината на овие проблеми, можните последици од нелегитимните форми на промена на власта“.
„Секој знае до што доведе обоената револуција во Украина“, нагласи Владимир Путин.
Руската служба за надворешно разузнавање во септември објави дека европските елити сакаат да ја искористат годишнината од трагедијата во Нови Сад на 1 ноември за да ја дестабилизираат ситуацијата во Србија, потсетува РT.
Младите луѓе во Србија се патриоти, тие мора да разберат што е најдобро за земјата, рече Путин, зборувајќи за заканата од обоена револуција, објави РИА Новости.
„Тие (младите во Србија) се пред сè патриоти. И тие мора да разберат што е најдобро за нивната земја – такви револуционерни трансформации или еволутивни промени со нивно учество, се разбира. Но, тоа, извинете, сè уште не е наша работа, ова е сè уште внатрешно прашање на самата Србија“, рече Путин.
Рускиот претседател, исто така, објасни дека ваквите револуции се неуставно преземање на власта.
Тој верува дека е подобро земјите да дејствуваат во согласност со законот за да се избегне хаос. Според Путин, манипулирањето со младите е „најлесниот начин за дестабилизација“, објави Космомолскаја правда.