СЕ ВКЛУЧИ АЛАРМОТ ВО ФРАНЦИЈА: Повторно евакуирани неколку аеродроми

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку француски аеродроми денеска повторно се евакуирани по нови закани за бомби, пренесува „Фигаро“.

Станува збор за аеродромите во Бордо, Нант, Лил и Монпеље, а дојава стигнала и до аеродромот во Бове. Летовите се пренасочени и се очекуваат значителни доцнења во текот на целиот ден, а на лице место се полициски и контрадиверзантски екипи.

Вчера, 17 аеродроми во Франција примиле дојави за бомба, што доведе до евакуација на 15 аеродроми, откажување на 130 летови и многу доцнења, изјави францускиот министер за транспорт Клеман Бон.

Тој предупреди дека лажните дојави не се шега, туку дека се работи за криминални дејствија. Француската влада се закани со затвор и високи парични казни за оние кои испраќаат закани за бомби, а властите се сомневаат дека за тоа можеби се одговорни млади луѓе и деца, пренесе АП.

Според француските закони, ваквите повици се казнуваат со затвор до три години и парична казна од 45.000 евра.

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво од петокот вечерта, откако во францускиот град Арас беше убиен наставник пред училиште, а главен осомничен е Мохамед М, кој претходно се заколнал на верност на Исламската држава.

Слични содржини