Во последните три години нагло се зголемува бројот на Македонци кои станале бугарски државјани. Ова се вели во официјалниот извештај на Министерството за правда, подготвен и доставен до БГНЕС.
И во годините кога светот беше затворен од пандемијата на коронавирус во 2020 и 2021 година, бројот на Македонци кои добија бугарско државјанство е многукратно поголем од претходните години.
Само во 2020 година нивниот број е над 9 илјади лица, а во 2021 година е 7.692 или речиси половина од сите што добиле бугарско државјанство годинава – 15.167 лица.
За споредба, во периодот 2013-2019 година меѓу 1.867 и 6.193 Македонци станале бугарски државјани, но и тогаш нивниот број е многу поголем од бројот на оние кои добиле бугарско државјанство од други земји.
За последните 15 години, бројот на Македонци со бугарски пасош е 86.566 лица, што е повеќе од половина од сите што добиле бугарско државјанство – 162.865 лица. Македонските Бугари, пишува БГНЕС, се повеќе од три пати повеќе од претставниците на следната земја на листата – Молдавија.
До денес, речиси 3.500 Македонци чекаат да им биде издаден указ за да добијат бугарско државјанство.
„Статистиката од последните 3 години јасно докажува дека Македонците не се под влијание на антибугарската хистерија во РСМ и продолжуваат да бараат бугарско државјанство“, констатираат од агенцијата.
Веднаш по Македонија по бројот на добиени бугарски државјанства е Молдавија, каде што се преселиле многу Бугари кон крајот на 18 и почетокот на 19 век. 26.161 жители на оваа поранешна советска република денеска поседуваат бугарски пасоши. Бројот на Украинските Бугари е половина од Молдавците – 14.391.