Комисијата за социјална политика во Собранието останува во застој, иако претседателот на парламентот, Африм Гаши, за претседавач ја назначи пратеничката од коалицијата „Вреди“, Имрлије Сали Фетаи. Оваа промена уследи по одбивањето на пратеникот Бејџан Иљас да ја извршува функцијата.
Сепак, ниту Фетаи не успеа да го стави на гласање дневниот ред, бидејќи пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, побара дополнување со Законот за бранителите. Како одговор, Фетаи ја затвори седницата на неопределено време.
„Кажав дека има само една точка на дневен ред и ве молам да гласаме. За Законот за бранителите поминати се сите рокови и јас треба да го разгледам само Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Вие од СДСМ не правете тенденции. На седницата за интерпелација ја напуштивте салата за да не бидете обвинети за влошување на меѓуетничките односи. Јас ќе ја заклучам седницата на неопределено време. Вреди нема да дозволи да се стави Законот за бранителите на дневен ред без припадниците на УЧК. Нема потреба од дебата“ изјави Фетаи.
Блокадата на Комисијата започна во ноември минатата година, кога тогашната претседателка Илире Даути од Алијансата за Албанците одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители, доколку не се вклучи и законско решение за припадниците на УЧК.
На 10 јануари, Собранието изгласа интерпелација за Даути со 61 глас „за“ и 22 „против“, по иницијатива на „Левица“, обвинувајќи ја за „кочење“ на законот. Една недела подоцна, Даути поднесе оставка од функцијата претседател на Комисијата.
Ситуацијата останува неизвесна, а работата на Комисијата останува блокирана, додека политичките тензии околу Законот за бранителите продолжуваат.