Членовите на Советот за реформа во јавната администрација на седница се координираа за процесот на спроведување хоризонтална функционална анализа за реорганизација и оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби и го усвоија вториот Полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 и Акцискиот план, што е објавен на веб страницата на Министерството за информатичко општетсво и администрација.
Реорганизацијата и оптимизацијата се спроведуваат во рамки на ИПА проект што ќе трае две години. Во тој период треба да се усогласат над стотина закони со новиот Законот за организација и работа на органите на државна управа. Целта, како што соопшти денеска владината Прес-служба, е оптимизирање на севкупната институционална рамка, да се зајакне работата на јавните служби и да се подобрат јавните услуги, зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста, отчетноста и одговорноста на јавната администрација.
„Реорганизацијата и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво е една од клучните реформи и мерки за подобрување на јавната администрација и затоа на денешната седница сме во поширок состав, со членовите на Секретаријатот за реформа на јавната администрација и претставниците на институциите кои ќе бидат контакт-точки за спроведување на реорганизацијата“, рекол премиерот Зоран Заев, кој претседавал со седницата.
Тој нагласил дека продолжува посветеноста и заложбата на Владата за остварување на комплексната реформа, од којашто треба да произлезе професионална и департизирана јавна администрација.
ИПА проектот претставува континуитет на мерките за реорганизација кои беа спроведени со донаторска поддршка од УНДП, УСАИД и СИГМА.
„За Проектот од исклучителна важност е отвореноста и соработката на сите институции и во периодот што претстои врз основа на методологијата за спроведување на хоризонтална анализа ќе продолжиме со процесот на скенирање на состојбата од аспект на преклопување на надлежности. Очекуваме од сите 128 институции, органи на државната управа сериозен пристап и посветеност преку доедуцирање на лица одговорни за комуникација со МИОА и експертите од проектот“, рекол министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Полугодишниот извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 и Акцискиот план, за периодот јануари – јуни 2019 година што е усвоен на седницата се објавен на веб страната на Министерството за администрација и информатичко општество.