Најмалку седум лица, меѓу кои и едно дете, се ранети денеска во украински напади врз руската област Белгород на границата со Украина, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
Ударите беа насочени кон неколку станбени згради во областа Валујск, наведе Гладков на Телеграм.
„Општинскиот округ Валујск е под оган од украинските сили. Според првите информации, седум лица се повредени, меѓу кои и едно дете со скршена клучна коска“, додаде службеникот.
Сите повредени се хоспитализирани.
Две села во областа Курск, исто така на границата со Украина, биле цел на украинските напади, изјави локалниот гувернер Роман Старојт, додавајќи дека во тие напади нема жртви.
Гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов денеска изјави дека во текот на ноќта биле соборени два дрона над полуостровот припоен од Русија.