Економскиот ефект од ЕУ е 15-20% повисок БДП за новите земји-членки, нови и подобро платени работни места, сигурност и стабилност. Треба да се искористи моментот за да Република Северна Македонија стане 28-ма членка на Европската Унија. Ова беа главните пораки од отварањето на Третата годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум – СЕФФ, во организација на Министерството за финансии. Конференцијата со поздравни обраќања ја отворија министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Димитар Ковачевски, како и ЕУ комесарот за буџет и администрација, Jоханес Хан.
Како што посочи министерот за финансии, Бесими, СЕФФ е платформа за дискусија на јавните политики која произлезе како потреба за време на Ковид-19 кризата, а има за цел да ги обедини сите општествени чинители, како креаторите на политики, политичките претставници, бизнис заедницата, академските претставници, со цел изнаоѓање на најдобри солуции. Овогодинешната тема „Европа-Да, Европа-Сега” е посветена на предизвиците и можностите кои се поставуваат пред сите земји од Западен Балкан во контекст на евроинтеграциите.
„Убавата, мултикултурна, пацифистичка и развојно ориентирана Европска Унија произлезе од потребата да се реизгради Европа. Оттогаш, економијата, мирот и безбедноста и човековите права се нејзини двигатели. Влијанието на ЕУ е проценето на дополнителни 15%-20% од БДП по глава на жител, вклучително и неколкукратен раст на фондовите достапни по пристапувањето, само кај кохезионите фондови 22 пати повисоки. Во време на повеќекратни кризи, кои се преклопуваат, сега, повеќе од кога и да било е време земјите да се поддржуваат една со друга”, порача министерот Бесими.
На првиот панел од конференцијата „Европска и регионална интеграција”, стана збор за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ единствениот пазар, како и новиот план за Западен Балкан презентиран од страна на претседателката на Европската комисија на ГЛОБСЕК 2023 во Братислава. На панелот зборуваа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, регионалната директорка на Светска банка, Шаочин Ју, заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нону, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер и претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојановски.