Села има три услови за да стане дел од Владата

Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците го условува влезот во власта, уставните измени се дел од барањата

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук

Лидерот на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, Зијадин Села ја остави отворена можноста да стане дел од Владата, но само ако се исполнат, како што вели, трите главни услови. Села ќе бара спроведување на уставните измени односно деблокада на процесот на интеграција во ЕУ, замена на формулацијата „20%“ со „албански јазик“ во Уставот и воспоставување на Бадентер во Уставниот суд.

„Прво, уставните амандмани – деблокада на ЕУ, отстранување на 20% – воведување на албанскиот јазик во Уставот и одлуките што се носат со Бадентериевиот принцип, да бидат и во Уставниот суд. Ова би биле три теми, доколку се реализираат првично, тогаш би можеле да се водат преговори со Алијансата за Албанците“, рекол Села на прашањето дали постои можност да стане дел од Владата.

Во емисијата „Дебата на Шења“, тој најави реорганизација на партијата и напуштање на коалицијата НАИ предводена од ДУИ. Села нагласува дека коалицијата била само за локалните избори. Тој, меѓу другото, ја исклучи можноста за обединување со крилото на АА, предводено од Арбен Таравари, велејќи дека екс-министерот за здравство е „нестабилна фигура“.

„Локално“ веќе пишуваше на темата околу бадентеровото мнозинство кое повторно стана најскапиот политички ресурс во државата. Без него, ниту една влада не може да донесе закони што ги засегаат етничките заедници: од употребата на јазиците и симболите, до образованието и културата.

Во ваква тенка рамнотежа, на сцената повторно се појавува Села, човекот кој со своите шест пратеници може да ја направи или да ја урне владината стабилност.

Политичката сцена се тресе – шест пратеници вредат повеќе од цела коалиција