Селими: Доколку петте пратеници на Таравари би делувале опозициски, ќе се зголеми оспорувањето на етничкиот легитимитет на Владата

Дали нетрпението меѓу ВЛЕН и Таравари ќе се пренесе во владините редови?

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Превирања на предизборните разговори во политиката, но и во редовите на Владата. Можни се сите комбинации, но засега никој не открива детали. Се отвораат два блокови. Ова следува откако Таравари (речиси) излезе од коалицијата ВЛЕН сакајќи сам да настапи на локалните избори, а во меѓувреме разговарал и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Се очекува и разговорот на Таравари со премиерот Христијан Мицкоски. Во јавноста се наметнува прашањето дали Таравари може да опстои во владините редови откако раководството на ВЛЕН побара негово исклучување. Исто така се поставува и дилемата дали е можна соработка меѓу крилото на Таравари со социјалдемократите. Од „Бихаќка“ велат, средба немало, засега. Ако се случи, ќе информираат.

За дел од аналитичарите на состојбите, се помалку веројатно е дека двата табори од албанскиот блок би останале во Владата. Според политичкиот аналитичар Сефер Селими, ВЛЕН и Таравари заедно во Влада ќе биде тешко изводливо затоа што кавгата е се уште во тек и очекува да се зголеми во следниот период.

-Тоа ќе биде дополнителна политичка главоболка во редовите на Владата и таа енергија на нетрпение или политичка кавга да се пренесе во владеачкиот состав. Мислам дека премиерот Христијан Мицкоски ќе се определи за една од двете опции, посочува Селими во изјава за „Локално“.

Иако се уште нема одлука дали петте пратеника кои Алијанса на Таравари ги има во Собранието ќе го известат собранискиот спикер Африм Гаши дека ќе дејствуваат како засебна пратеничка група, се наговестува таков епилог во наредниот период. Со оглед дека, како што вели Селими, етничкиот легитимитет на оваа Влада и така е оспорен, со дополнително уште пет пратеници помалку кои би се пренеле во опозициското делување кај Албанците, уште повеќе ќе се зголеми оспорениот етнички легитимитет и ќе го доведе во прашање нормалното функционирање на власта.

-Најмалку што ќе придонесе е отворање на нови теми за политичко организирање или политички систем во државата, потенцира соговорникот.

За можна соработка меѓу Таравари и СДСМ, аналитичарот смета дека сите опции ќе бидат отворени.

-Ако гледаме дека од коалицијата ВЛЕН, Таравари е веќе избркан или исклучен како и да толкуваме, се отвора можност за соработка и со други политички партии. Тука не се исклучуваат СДСМ и Европскиот фронт. Мислам дека претежно таквиот потег на Таравари се однесува на ваквите калкулации кои можат да донесат подобри стартни позиции за трката за локалните избори, оценува Селими.

Пред два дена, Таравари ѝ посака успех на новата партија што ќе произлезе од ВЛЕН и рече дека тој и АА остануваат на ставот дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен не се потребни. -Начелно кажав дека не сме за предвремени избори. Има стабилно мнозинство без разлика дали сме во Владата или не. Сметам дека треба да има локални избори. На сите нас како политички партии ни е важно да излеземе со што подобри резултати на локалните избори и да победиме во што повеќе општини каде што ќе може, подвлече министерот за здравство.

Од ВЛЕН негираат дека крилото на Алијанса за Албанците е „избркано“ од коалицијата. Според градоначалникот на Тетово, „Таравари самиот излегол од коалицијата и заминал кај ДУИ“. -Секој што оди кај ДУИ, за да соработува со ДУИ, излегува. Мора да излезеш одовде за да отидеш таму. Тој го прифати тоа (дека преговара со ДУИ), изјави Касами.

И додека се чека на разговорот меѓу Мицкоски и Таравари, ВМРО – ДПМНЕ коментира дека Филипче треба да си поднесе оставка, бидејќи води партија синоним на предавства, неспособност и криминал.

„Филипче го следи и е верна сенка на Заев, а од тандемот Заев-Филипче Македонија и граѓаните само беа понижени и негативно претставени во регионот и светот. Филипче сака да дојде на власт за да биде ист како Заев, Филипче јавно им кажа на граѓаните дека е континуитет на политиките на Заев. затоа граѓаните не му веруваат и рејтингот на анкетите му е во слободен пад“, велат од партијата.

И додека сите комбинаторики се во игра, ВЛЕН ја тера сопствената агенда, без Таравари, преточувајќи се во една партија со единствени партиски тела.

Н.П.

Слични содржини