Семејство од Вухан ручале кога забележале мртов лилјак во тенџере со свинска супа што ја купиле од ресторан. Тие прво отишле до ресторанот и побарале објаснување, а потоа се упатиле да се тестираат за коронавирус.
На 10-ти јули, семејството Чен купило тенџере со замрзната супа од свинско месо во ресторан во близина на нивната куќа во Вухан, провинцијата Хубеи, јавуваат локалните медиуми.
Таткото сам јадел дел од супата, но не забележал ништо невообичаено, изјавил неговиот син за Хубеи телевизијата Хубеи. Сепак, третиот ден по купувањето, тие сакале да ја загреат и да го изедат остатокот, но се исплашиле кога во садот виделе мртов лилјак.
Локалните власти покренале истрага за ова прашање по добивањето на жалба. Но, тие не успеале да идентификуваат кога и како малиот лилјак влегол во супата, затоа што бил пронајден три дена по купувањето, изјавил службеникот за локалната тв станица.
Иако се чини дека никој не е одговорен за инцидентот, производителот на супи соопштил дека е подготвен да му плати на семејството околу 250 евра како компензација. Од ресторанот им било кажано дека замрзнатите продукти ги купиле од локален производител.

Семејството Чен брзо отишло во болница по шокантното откритие, од страв дека ќе се зарази со коронавирус. Според локалните медиуми, нивните резултати се негативни.