Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.

Ова денеска го порача Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во врска со вчерашниот случај во кој на неколку фоторепортери им бил ограничен пристапот во работата за време на лидерската средба во Клубот на пратеници и побара од Владата на Република Македонија да го разгледа случајот.
– Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работницие недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници, се истакнува во соопштението на СЕММ.
Токму затоа, велат од СЕММ, од службата за односи со јавноста и воопшто од претставниците на власта се очекува да покажат максимално разбирање за потребите на медиумските работници и да ги обезбедат неопходните услови за непречено остварување на нивните права и интереси.
-Државата и нејзините институции мора да имаат предвид дека е потребно континуирано да имаат афирмативна улога во поттикнувањето на слободата на медиумите, слободата на информирањето и слободата на изразување. Секаде каде што овие слободи се под ризик, ќе биде под ризик и улогата на медиумите во демократските процеси и владеењето на правото, потенцираат од СЕММ.