Раководството на Кристал Палас денеска отпатува во Швајцарија на итен состанок со претставници на УЕФА бидејќи нивното учество во Лигата на Европа е сериозно загрозено.
Кристал Палас си обезбеди место во Лигата на Европа благодарение на спектакуларната победа против Манчестер Сити во финалето на ФА Купот, но нивното учество може да биде спречено поради правилата на УЕФА за клубови со заеднички сопственички структури, објави „Дејли меил“.
Проблемот произлегува од фактот дека американскиот инвеститор Џон Текстор има сопственички удели во неколку клубови; тој држи приближно 43 проценти од акциите во Палас, а е и главен акционер на францускиот клуб Лион, кој исто така се квалификуваше за Лигата на Европа.
Според правилата на УЕФА, два клуба кои се поврзани преку заеднички сопственик не смеат да учествуваат во исто европско натпреварување, со цел да се зачува спортската регуларност. Двојната сопственост на Текстор ги става Лион и Палас во незавидна позиција, а Палас се соочува со исклучување од Лигата на Европа доколку не се најде решение.
Се шпекулираше дека компромисно решение би можело да биде префрлање на Палас во Конференциската лига, но и тој пат се чини дека е затворен. Имено, данскиот клуб Брондби, кој е во косопственост на Дејвид Блицер, друг инвеститор во Кристал Палас, веќе учествува во плејофот за тоа натпреварување. Според правилата на УЕФА, кога неколку клубови под иста сопственост освојуваат европски натпреварувања, клубот кој е подобро пласиран во домашното првенство има предност.
Поради ова правило, позицијата на Палас е дополнително комплицирана. Лион заврши шести во француската Лига 1, Брондби трет во данската Суперлига, а Палас само 12-ти во Премиер лигата. Ова го става Палас на последното место меѓу овие клубови и е најверојатен кандидат за испаѓање доколку УЕФА строго ги примени своите правила.
И покрај очигледните проблеми, Кристал Палас изразува оптимизам за исходот. Нивната главна одбрана се базира на ограниченото влијание што Текстор го има во клубот. Иако поседува значителен дел од сопственоста, тој има само 25 проценти од правата на глас, што е еднакво на правата на другите ко-сопственици на клубот – Стив Париш, Џош Харис и Дејвид Блицер.
Палас дополнително тврди дека нема заеднички средства, вработени или оперативни врски со Лион, со што се обидува да ја докаже јасната независност на клубот. Останува прашањето дали УЕФА ќе го прифати ова како доволен аргумент.