Под истрага на Специјалното јавно обвинителство се 112 лица, осомничени за сторени 160 кривични дела, што укажува дека дел од лицата се осомничени дека сториле повеќе кривични дела, стои во последниот полугодишен извештај на СЈО.
Кривични дела за кои до овој момент СЈО отворило истражни постапки според последниот извештај се:
84 – злоупотреба на службена должност и овластувања
3 – злоупотреба на постапка за јавни набавки и тендери
24 – злосторничко здружување
42 – широк дијапазон на дела поврзани со изборни нерегуларности од повреди на избирачко право, преку злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања до фалсификување и уништување на изборен материјал
7 – мачење и друго нечовечко или сурово постапување и казнување
Јанева во извештајот наведува дека во овој период СЈО добило специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија со чија помош биле откриени уште 66.909 избришани аудио фајлови.
Интересно е што во извештајот е наведено и дека при доставување на предметот „Пуч“ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до СЈО, покрај другите списи и докази, е доставен и хард диск за кој било утврдено дека потекнува од канцеларијата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) која ја користел осудениот Звонко Костовски.
Хард дискот како што се посочува во извештајот не бил предложен во листата на докази во случајот, а по анализата СЈО утвдило дека на него биле генерирани фајлови од комуникација меѓу два телефонски броеви, чија цел бил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која била прислушувана без судски налози.
– Од страна на ова Јавно обвинителство извршен е електронски попис на овие материјали кој е сочинет на 27.189 страници во електронска форма. При тоа, детектирани се 31.495 аудио фајлови со времетраење од 671 час и 72.513 СМС пораки кои биле цел на апликацијата која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви – стои во извештајот.
Извештајот на Јанева, како што соопштуваат од СЈО бил доставен и до Советот на јавни обвинители и до Собранието на Република Македонија.
Целиот извештај можете да го погледнете на следниот линк.