Сериозни обвинувања на поранешниот сојузник на Нетанјаху: „Влезе во конфликт со Хамас за да издејствува нови избори“

од Vladimir Zorba

Лидерот на партијата „Нашиот дом Израел“, Авигдор Либерман, го обвини премиерот Бенјамин Нетанјаху дека влегол во конфликт со Хамас со цел да издејствува нови избори во земјата.

Во саботата во интервју за „Канал 12“, поранешниот сојузник на Нетанјаху изјави дека тензиите не мора да се развиваат вака и оцени дека стратешката цел на сегашниот конфликт е подобрување на статусот на Нетанјаху во израелската јавност со цел „вовлекување на земјата во петти избори “.

„Сè додека мандатот за формирање влада е во рацете на (мандаторот) Жаир Лапид, Нетанјаху ќе го одржува конфликтот“, тврди Либерман.

Тој го нарече Нетанјаху „соработник на Хамас“, наведувајќи дека е во интерес и на израелскиот премиер и на таа организација да продолжат со непријателствата, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Либерман смета дека заради безбедноста на израелската позиција, конфликтот мора да заврши со разоружување на Хамас во рамките на договорот за економска помош на Газа и враќање на телата на двајца израелски војници кои ги држат Хамас.

„Ако тоа не се случи, ние се боревме за ништо“, рече Либерман, пренесе Танјуг.

Израелскиот претседател Ревен Ривлин на 5 мај одлучи да му го довери мандатот за состав на новата влада на опозицискиот лидер Жаир Лапид.

Доколку опозицијата успее да формира влада, тоа ќе значи крај на владеењето на Нетанјаху, а во спротивно на есен би можеле да се одржат петтите избори од април 2019 година во Израел.

Слични содржини