Борис Џонсон не сакаше да ги заостри мерките кога имаше зголемување на бројот на лица заразени со ковид минатата есен, бидејќи тој сметаше дека повеќето починати биле на возраст над 80 години, изјави за Би-Би-Си Доминик Камингс, поранешен главен советник на британскиот премиер.
Камингс исто така рече дека премиерот му испратил порака во која се наведува дека „тој повеќе не верува во претерувањата на британската Национална здравствена служба (NHS)“ и додаде дека Џонсон е повеќе за вирусот да помине низ населението отколку да ја уништи економијата.
Портпарол на британската влада реагираше на овие тврдења на Камингс.
„За време на пандемијата, премиерот ги презеде потребните мерки за заштита на животите и економијата, следејќи ги најдобрите научни совети. Да потсетиме, властите воведоа три национални блокади и со тоа спречија распаѓање на здравствениот систем“, рече портпаролот.
Бројот на нови инфекции во Велика Британија нагло се намали минатото лето, но повторно започна да расте кога започна есента. Камингс за Би-Би-Си изјави дека тој, главниот научен советник во Велика Британија, Патрик Валенс и главниот медицински службеник во Англија, Крис Вити, се залагале за поостри мерки од средината на септември, но дека Џонсон рекол: „Не, не, не, не, не, не, не се согласувам на тоа“.