Идната администрација во Вашингтон треба да го неутрализира влијанието на Кина и Русија на Западен Балкан, рече во вторникот Даниел Сервер, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, истакнувајќи ја особено Србија.
На Комитетот за надворешна политика на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, тој оцени дека руското влијание нема да биде приближно толку забележливо во Србија, како што е, ако властите во Белград не го дозволуваат тоа, пренесува Танјуг.
„[Српскиот] претседател Александар Вучиќ ги отвори своите медиуми кон Русија и му наштети на Гласот на Америка, кој, по децениското присуство во Србија, е сведен на минимум. Тоа треба да биде еден од приоритетите за новата американска администрација“, рече Сервер
На прашањето од модераторите како САД треба да се вратат како активен и важен политички фактор за постигнување стабилност на Западен Балкан, особено во односите меѓу Србија и Косово, Сервер најпрво рече дека во ова време влијанието на Русија и Кина е далеку поголемо, но дека Русија, поради внатрешно-политички проблеми, во следните четири години ќе бидат „повеќе свртени кон себе“.
Тој се согласи со проценката на Јануш Бугајски дека американските разузнавачки агенции треба да посветат посебно внимание на односите меѓу Русија и Кина и нивните заеднички активности, што „може да го загрози влијанието на САД“.
„Корупцијата го еродира општеството на Западен Балкан. Верувам во улогата на приватниот сектор, што може да го подобри животот на граѓаните, но најважно е САД активно да се вклучат во решавањето на прашањата меѓу Србија и Косово. Не успеавме да останеме активни на Косово. Корупцијата ги јаде овие општества сега и нема позитивно поместување. Не само во Косово, туку и во Босна и Херцеговина, ниту во Србија“, рече Сервер.
Тој потсети дека Косово не е признато од пет земји-членки на Европската унија и посочи дека Соединетите држави треба да соработуваат со ЕУ како целина, но дека треба да ја оживеат и зајакнат соработката на релација Велика Британија-Германија-САД, што е основа за балансирана политика и кон Западен Балкан.
„Таа оска треба да се обнови и тоа би бил мој совет до новата американска администрација“, заклучи Сервер.