Најавата за можна тужба поднесена од Косово против Србија во врска со наводниот геноцид ќе предизвика критики од Белград, ќе го искомплицира дијалогот и нема да добие одобрување од Брисел и Вашингтон, оцени денеска американскиот професор Даниел Сервер.
„Објавата од косовските власти сигурно ќе има политички ефект врз Косово, Србија и меѓународната заедница“, рече Сервер во интервју за Гласот на Америка.
Косовскиот премиер Албин Курти неодамна изјави дека владата започна со работа за подготовка на обвинение против Србија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
„Јас не сум адвокат и затоа не можам да го толкувам ова прашање во правна смисла, но не мислам дека фактот што не беше покрената тужба за геноцид пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во врска со злосторствата во Косово значи дека српската држава не може да биде тужена за геноцид пред Меѓународниот суд“, рече Сервер.
Сервер, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и експерт за Балканот, додаде дека не е сигурен во кое својство Косово може да се обрати до таа судска институција.
„Овде се поставува прашањето дали делата се сторени со намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или религиозна група. Но, како што веќе реков, за мене е нејасно дали Косово може да се приклучи на Меѓународниот суд на правдата, бидејќи не е членка на ОН и не е меѓу државите од статутот на Меѓународниот суд на правдата“, рече Сервер.
Според него, рано е да се шпекулира за можни политички последици и прво треба да видиме „дали Меѓународниот суд на правдата воопшто ќе го разгледа предлогот“.