Сестрата на британскиот тинејџер Џек Фентон, кој загина откако беше искасапен од пропелери на хеликоптер во Грција, бесно одговори на тврдењата дека нејзиниот брат несовесно ги прекршил безбедносните прописи и ја предизвикал сопствената смрт.
Грчките власти вчера истакнаа дека младиот човек се упатил кон задниот дел од хеликоптерот за да направи селфи и веднаш починал.
Сепак, неговата помлада сестра Дејзи (20) ги отфрли извештаите како „ѓубре“, велејќи дека нејзиниот брат бил „внимателен“, но не бил соодветно информиран од пилотот Христос Фрагкопанагос или од копнениот екипаж.
– Тоа беше првото возење на Џек со хеликоптер. Тогаш можете да замислите колку бил внимателен и свесен за сè. Се друго што наведоа, дека тој трчал по асфалтот и ги прекршил протоколи е ѓубре. Зошто? Затоа што немаше протокол. Никогаш не им било кажано што да прават, а што не – тврди неговата сестра.
Таа додаде дека никој не знае што го натерало да оди кон хеликоптерот.
– Можеби нешто заборавил. Но, лага е дека се вратил да направи селфи – тврди таа, пренесува „Дејли Мејл“.
Дејзи зборуваше и за тоа каков бил нејзиниот брат.
– Џек не беше некое богато, непријатно дете. Тој беше поканет на овој одмор. Тоа беше неговото прво возење со хеликоптер досега – рече таа.
Дејзи изјавила дека нивните родители Мигел и Викторија и другите членови на семејството биле во Велика Британија, а дека во хеликоптерот што го придружувал Џек бил таткото на еден од неговите пријатели, бизнисменот Робин Стентон Гливс.
Во групата имало вкупно шест лица. Другите се вратија во Велика Британија доцна во вторникот.
Таа рече дека нејзиното семејство не планира да оди во Грција.
– Чекаме неговите посмртни останки да бидат пренесени во Британија, но се уште не знаеме кога ќе биде тоа – рече таа.