Северна Кореја соопшти дека на секој потег што ќе доведе до соборување на нејзините пробни ракети ќе гледа како објава на војна и ги обвини САД и Јужна Кореја за подигање на тензиите со заеднички воени вежби, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на севернокорејски медиуми.
Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, предупреди во соопштението дека Пјонгјанг ќе ги смета дејствијата на американската војска против стратешкото оружје на Северна Кореја како „објавување војна“, објави новинската агенција KCNA.
Таа навести дека Пјонгјанг може да истрела повеќе проектили во Тихиот Океан.
„Пацификот не е во американска или јапонска сопственост“, рече Ким.
Според „Ројтерс“, САД и нивните сојузници досега не собориле севернокорејски балистички ракети, кои беа забранети од Советот за безбедност на ОН.
Во посебна изјава, министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги обвини САД дека ја влошуваат ситуацијата со заеднички воени вежби со бомбардерот Б-52 и планираат дополнителни вежби на теренот со Јужна Кореја.
Јужнокорејското министерство за обединување, кое е задолжено за односите со Северна Кореја, како одговор рече дека „непромислениот нуклеарен и ракетен развој“ на Пјонгјанг е виновен за влошувањето на ситуацијата.