Соединетите Американски Држави би требало да го тргнат од власт својот претседател Доналд Трамп, порачува севернокорејскиот државен медиум, по острите зборови кои Трамп ги пратил до Пјонгјанг, за време на својата турнеја во Азија.

Fox News, без да наведе за кој севернокорејски медиум станува збор, пренесува дека Трамп е наречен “стар луд човек” и дека САД треба да го тргнат од власт за да се “ослободат од амбисот на пропаста”.
Се наведува дека САД би требало да го послушаат нивниот “совет” додолку не сакаат да доживеат “ужасна нуклеарна катастрофа или трагична пропаст”.
Трамп моментално престојува во Кина, каде се очекува да побара од претседателот на таа земја, Кси Џинпинг, да направи повеќе за да изврши притисок на Северна Кореја, да се откаже од програмот за нуклеарно вооружување.
Пред доаѓањето во Кина, Трамп во текот на посетата на Јужна Кореја рекол дека “сите одговорни земји мора да ги здружат силите, за да го изолираат бруталниот режим на Северна Кореја”.
Трамп во текот на посетата на Сеул пратил остра закана до Северна Кореја, “да не ги потценува и предизвикува Соединетите Американски Држави”.