Република Северна Македонија е членка на 10 Хашки конвенции: седум конвенции се наследени од СФРЈ, додека пак три беа ратификувани од осамостојувањето, соопшти денеска Министерството за правда.
Министерката за правда Рената Дескоска, во името на Владата на Република Северна Македонија, денеска во Хаг потпиша три меѓународни конвенции и еден протокол.
„Денешното потпишување на четирите меѓународни инструменти претставува значаен чекор во поглед на хармонизацијата на законодавството на Република Северна Македонија со правото на ЕУ. Станува збор за следните четири меѓународни инструменти на Хашката Конференција: Kонвенцијата за надлежност, меродавно право, признавање, извршување и соработка во поглед на родителската одговорност и за мерките за заштита на децата, од 19 октомври 1996 година, Kонвенцијата за спогодбите за избор на суд, од 30 јуни 2005 година, Kонвенцијата за меѓународно остварување на правата за издржување на детето и други облици на издржување на семејството, од 23 ноември 2007 година и Протоколот за меродавното право кое ќе се применува на обврските за издршка, од 23 ноември 2007 година“, информираат од Министерството за правда.
Република Северна Македонија усвои унифицирани правила на меѓународното приватно право што се предвидени во наведените инструменти.
„Со потпишувањето на инструментот денеска се придружуваме на групата земји кои ја препознаваат конвенцијата како корисна алатка што им гарантира на странките дека спорот ќе се решава пред судот кој тие го избрале со спогодбата за избор на суд и дека истата таа пресуда ќе може да се признае и изврши во некоја од другите земји потписнички“, се наведува во соопштението.
Една од конвенциите претставува инструмент кој ќе овозможи судскиот начин на решавање на споровите да стане стварна и привлечна алтернатива на меѓународната трговска арбитража.
Една од областите на кои Хашката Конференција, како што велат од Министерството за правда, напорно работи е и заштита на децата кои се изложени на ризик во прекугранични ситуации.
„Со денешното потпишување на третата од оваа серија конвенции Република Северна Македонија изразува силна политичка волја да им се придружи на државите кои се решени со заедничка акција да работат секогаш во духот на принципот на почитување на најдобриот интерес на детето“, стои во соопштението.
Третата Конвенција од низата детски конвенции која Дескоска ја потпиша денеска, како што информираат од Министерството за правда, е многу поширока по обем од првите две Хашки конвенции од истата серија, притоа опфаќајќи многу поширок спектар на граѓански мерки за заштита на врската со децата, родителската одговорност и примена на јавни мерки на заштита или заштита на имотот на децата.
Постојните инструменти на Хашката конференција за заштита на правата на детето заедно со Конвенцијата и Протоколот од 2007 година, кои исто така се потпишани денеска, имаат за цел да воспостават модерен, ефикасен и лесно достапен меѓународен систем за прекугранично остварување и наплата на детскиот додаток и другите форми на семејна издршка.
Ова е особено важно за целината на системот за заштита на детските права, како на национално така и на меѓународно ниво, бидејќи економската основа е стартна точка за многу други последователни мерки и активности кои имаат за цел да бидат едноставни и достапни за граѓаните на земјите членки на Конвенцијата кои бараат детска издршка во други земји.
„Со истовремено потпишување на Конвенцијата и Протоколот од 2007 година, Република Северна Македонија денеска, несомнено застанува на страната на земјите кои ќе придонесат за надминување на воочените проблеми во праксата наместо континуирано соочување со истите“, се наведува во соопштението од Министерство за правда.