Северна Македонија слави две години полноправна членка во НАТО

од Nikola Popovski
171 прегледи

Зградата на Министерството за надворешни работи на С. Македонија синоќа беше осветлена со боите на НАТО во пресрет на одбележувањето на втората годишнина од членството на земјата во Алијансата.

Фотографии од зградата во центарот на Скопје „обоена“ во сино-бело, на Фејсбук објави шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година.

„Да се ​​биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно достигнување и цврста гаранција за безбедност и просперитет“, напиша Османи.

Како што истакна, Северна Македонија како членка на НАТО е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен играч во глобалната безбедносна политика.

„Ние сме обединети со нашите партнери од НАТО и решени заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици наметнати од руската инвазија на Украина и да придонесеме за зачувување на светскиот мир и стабилност“, потенцира Османи.

Според него, станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности.

„Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот.

Во актуелните околности, најважно е да имаме вистински пријатели и сојузници со кои заеднички ќе ги обликуваме значајните одлуки и ќе придонесуваме за нашата заедничка безбедност. Заедно и обединети стоиме 30 земји сојузници со еднаква определба за одбраната на мирот, безбедноста, слободата и демократските вредности“, оценува Османи.