Министерот за образование и наука Јетон Шаќирина денешната дебата на тема„STOP BULLYING“ што ја организираше Американскиот универзитет на Европа, рече дека проблемот со врсничкото насилство не е нов ниту во нашето школство, ниту во развиениот свет.
Со цел спречување на секаков вид насилство, развивање на пријатна и стимулативна училишна клима и градење на соживот во училиштата, Министерството за образование и наука има развиено сет закони, проектни мерки и активности. Посочи и дека секогаш има место за дополнително јакнење на механизмите за детекција и справување со врсничко насилство.
„Во фаза на изработка е правилник наменет за училиштата за превенирање и за постапување во случај на насилство. Исто така, мораме добро да размислиме за ограничување на влијанието на социјалните мрежи во училишната средина. Отворивме и електронска адреса каде учениците, родителите но и граѓаните можат да пријават случај на врсничко насилство“, појасни министерот Шаќири, додавајќи дека МОН е во фаза на консултации со најшироката заедница, професорите и експертите што е тоа што може да се преземе за да се подигне институционалната грижа за правилниот раст и развој на децата и младите.
Укажувајќи на важноста на воспитната компонента на образовниот процес, министерот посочи дека во текот на школувањето, децата треба да израснат во луѓе со вистински вредности, со емпатија, со разбирање за различните од себе и најважно да умеат да ги решаваат конфликтните ситуации без насилство.
„Колку е важно ова не само да стои запишано во стратешки документи, туку сите чинители во едукацијата на младите луѓе да го применуваат, добро покажуваат последните регионални случаи на ескалација на девијантни однесувања кај деца и млади луѓе, со страшни последици. Затоа се значајни заедничките дискусии за врсничкото насилство, зашто, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата, туку тоа е процес во кој е неопходно да се вклучат сите општествени чинители“, нагласи Шаќири.
Наведувајќи дека и сега насилството е санкционирано со образовната регулатива, дека училиштата имаат обврска да планираат програми и активности за заштита од насилство а законот предвидува и обврска за директорот на училиштето да го пријави на надлежен орган секој облик на насилство, министерот посочи дека натамошното јанење на заштитните механизми на ниво на школство, ќе значи и поздрави и поотпорни млади генерации.
Шаќири побара да го вложиме сето знање и умеење во спречување на сѐ што е туѓо на образованието, затоа што секое дете е важно, а иднината ја градиме сите.