Дискредитацијата која се прави врз советниците на Шанса за Центар е гол обид за прикривање од учеството во матната легализација, продажба, трансформација на „багателни“ парцели од 7 евра во Центар, велат од иницијативата преку соопштение.
Според нив, нападите дека Шанса за Центар е против покачување на минималната плата за вработените во јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар се неосновани.
-Градоначалникот Герасимовски, во обид да го покрие срамниот чин на продажба на атрактивно државно земјиште во строгиот Центар на Скопје за само 7 евра по квадрат и атрофираната институционална улога на заштита и одбрана на јавниот интерес, се впушта во дезинформации на јавноста и политички напади против Шанса за Центар околу покачувањето на платите за вработените во ПОЦ, појаснуваат од „Шанса за Центар“ и додаваат дека нивен став е дека поддржуваат покачување на платите и дека достоинствени услови на живот се потребни за сите вработени, но да се започне од најранливите и најпогодените.
-Изгласаната одлука ќе значи дека ќе треба да се обезбедат дополнителни 7 милиони денари до крајот на годината за ова покачување на ПОЦ. Без приложена систематизација на работни места и финансиски план за изворот за финансирање на покачувањето или за ребаланс по кој јасно ќе се види пренамената и ефектот врз функционирањето и работата на општината, ние не можевме да се изјасниме, но не гласавме против туку остануваме воздржани, стои во соопштението.