Шанса за Центар: Нормално беше да не дадеме поддршка за таков буџет на општината

од Nikola Popovski
361 прегледи

Жалиме што седниците не се јавни и достапни за граѓаните да ги следат и сами да бидат сведоци на случувањата, на игрите на политичките партии, но и на провидноста од нивните договарања. Само со јавност на седниците, како што и бараме веќе многу години наназад, а наместо со партиски соопштенија, граѓаните со свои очи ќе имаат точна информација кој е конструктивен, а кој покажува отпор кон промени и се обидувасо старите пракси да покаже успех, велат од „Шанса за Центар“, како реакција на денешното соопштение испратено на СДСМ Центар, во кое според нив, тие се нападнати во негативна конотација со обвинување за неконструктивност.

Шанса за Центар смета дека Буџетот како стратешки документ мора да ја отслика визијата за развој на општината.

-Јавноста е веќе известена за нашите над 20 амандмани на повеќето програми за работа на општината, во кои предлагаме решенија за надминување на проблемите и предизвиците со дивоградбите, звучното загадување, влијанието на градењето врз животната средина, заштитата на културното наследство, правичност и заштита на најранливите, како и за локален економски развој. Иако со најконструтивна аргументација се обидувавме да ги повториме образложенијата, сите освен еден амандман беа одбиени и не се прифатија како дел од буџетот. Нормално беше да не дадеме поддршка за таков буџет и да се воздржиме при гласањето за негово донесување кога во него не се третираат најгорливите проблеми, а се спроведуваат активности по старите начини на работа, покажувајќи отпор кон промени и технолошки осовременувања, велат во нивното соопштение.

Според „Шанса за Центар“, камерата која го снимаше говорот на градоначалникот се исклучи по неговото објаснение за буџетот, но нивните анализи ќе ги споделуваат со јавноста на социјалните мрежи и доколку има интерес преку медиуми кои ќе ги пренесат.

-За да биде појасно, имавме позитивен став и гласавме за оние програми кои поддржуваа капитални инвестиции во училишта, градинки, но негативно гласавме за програмата за спорт во која повторно се предвидува еден спортски клуб да добие повеќе пари отколку што буџетот предвидува за урбанистичко планирање, за заштита на животна средина, за култура, за програми во образование, во реконструкции на улици за ослободување тротоари, за намалување на брзината на движење, во обезбедување коридори за движење до училиштата и ослободување на тротоарите. Нормално, спортот е повеќе вреднуван и од заштитата на животната средина, од справувањето со дивоградбите, а повеќемилионски е поважен од програмите за родова еднаквост и правичност.

Социјалдемократските вредности се темелат на споделување, на правичност, на заштита на јавниот интерес, на грижа кон најранливите, на поддеднаков пристап до услугите и зачувување на природните и културни добра и јавните ресурси. Таквите заложби не се рефлектираат во распределбата на буџетот поднесен од Градоначалник Горан Герасимовски кој е од Социјалдемократскиот сојуз.

Одбиваме да бидеме учесници во договори кои се прават зад затворени врати, кои не се договори за добро на жителите, туку само и единствено за корист и интерес на поединци. Затоа и со неверување ја примивме манипулацијата за одбивањето на кандидатурата за претседател од нашиот советник Јане Димески поднесена од советниците од СДСМ, а во партиско соопштение толкувана како одбивање на „Шанса за Центар” да работи во интерес на граѓаните”.

И другата поголема коалициска група на ВМРО-ДПМНЕ ја одби номинацијата за нејзин/а претседател/ка на Советот, на предлогот даден од Левица која истовремено предложи и свој/а кандидат/ка. Со таквите чекори стана јасно дека понудата да го водиме советот е само тројански коњ за да се овозможи тајно гласање во кое ќе се оствари задкулисниот договор.

Остануваме да се бориме за она што го зборувавме и напишавме во нашата изборна програма. Советот мора да биде место каде ќе се бориме за интересите и за моќта на граѓаните, да застанеме во одбрана на достоинтсвото на секој човек во нашата заедница, урбанистичкото планирање да придонесува за повисок квалитет на живот и рамномерен урбан раст, за пристап до добрата и услугите за сите граѓани. Ќе се залагаме низ сите механизми кои ни се достапни како, се вели во воопштението на „Шанса за Центар“.

Слични содржини