Шефот на Ферари, Матија Биното, стави крај на претпазливите забелешки пред почетокот на сезоната во Формула 1 и најави дека Скудерија ќе се бори за победа во првиот круг од новата кампања овој викенд.
„Верувам дека ќе бидеме многу силни во Бахреин, веќе постигнавме добри резултати на тестовите. Мислам дека и Ред Бул се многу силни, можеби Верстапен ќе биде во водство, но разликите ќе бидат мали. Да се задоволиме со второто место? Не, ќе започнеме со идејата за најдобар можен резултат“, изјави Биното за италијанскиот весник La Gazzetta dello Sport.
До крајот на 2020 година, во Маранело им беше забрането да сонуваат за победи поради лошите перформанси на „Црните коњи“, но минатата сезона видовме дека Саинц и Леклерк се се поблиску до челото, додава изданието.
Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон го именуваше Ферари за сериозен фаворит за оваа сезона по првите тестови во Барселона, каде Италијанците покажаа дека нивниот нов болид Ф1-75 е брз, сигурен и стабилен.
Биното веќе најави дека заостанувањето од 25 коњски сили во однос на погонските системи на Мерцедес и Хонда е елиминирано во зима, па дури и навести дека неговиот тим може да има подобар мотор со внатрешно согорување за почетокот на 2022 година.
„Нашиот нов болид е брз во бавните свиоци, токму таму каде што новата генерација на болиди има проблеми, но мислам дека тоа не важи за Ред Бул и Мерцедес“, додаде Биното. „Веќе успеавме да се справиме со скокањето на болидот на правците, како и со блокирањето на тркалата при застанување, а тоа се проблеми кои ги засегаат сите тимови. Задоволен сум од нашата реакција“.
Сепак, Швајцарецот јасно стави до знаење дека не го поддржува Ред Бул во однос на страничните ретровизори на новиот болид на Мерцедес. ФИА веќе објави дека ги почитуваат правилата, Кристијан Хорнер изјави дека не сака „војна на страничните ретровизори“, но Биното е со поинакво мислење.
„Верувам дека страничните ретровизори придонесуваат за аеродинамичниот пакет на болидот и тоа не е случајно, што значи дека тие се во спротивност со духот на новите правила. Љубопитен сум да видам како ќе се развива оваа приказна“, објасни Биното.
Доколку некој од ривалите на Мерцедес поднесе формален протест против ретровизорите W13, техничкиот комитет на ФИА ќе мора да го преиспита случајот, но досега ниту еден тим официјално не изразил интерес да протестира поради дизајнот на овие елементи.