Шефот на Рајанер жестоко го нападна Трамп: Лажго кој греши за Русија и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп е „лажго“ кој е „историски во заблуда“ по многу клучни геополитички прашања, изјави извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири.

од desk4
22 прегледи Фотографија: Јутјуб/Принтскрин/Бела Куќа

Изјавите на првиот човек на авиокомпанијата претставуваат редок напад врз Трамп од корпоративниот свет и се насочени кон неговиот став кон Украина, како и кон воведувањето царини што ја нарушија глобалната трговија, пишува Politico.

„Историски е во заблуда“

„Мислам дека Трамп е историски во заблуда во однос на Украина и Русија, историски е во заблуда и кога станува збор за царините“, рече О’Лири, притоа признавајќи дека американскиот претседател бил во право кога укажувал дека европските земји недоволно издвојуваат за одбрана.

Тој додаде дека, доколку бил Американец, би бил „природен републиканец“, но не би се приклучил на партијата што ја води Трамп. „Немам никаква вера ниту доверба во Трамп, кој постојано докажува дека е лажго“, порача О’Лири.

„Ќе мора да почнеме да ги браниме тие слободи“

Според О’Лири, двојната закана што ја претставуваат Трамп и Русија значи дека Европа треба да ги намали „глупавите даноци за патување“ и регулативите за да ја врати конкурентноста.

„Во Украина има војна. Трамп е во Белата куќа. А тие се занимаваат со нови регулации за проклетиот авио-сообраќај“, изјави тој. О’Лири, кој често со остри зборови го критикува раководството на ЕУ, ја нагласи важноста од одбрана на единствениот пазар. „Голем сум поддржувач на единствениот пазар во Европа – тоа е веројатно најголемото достигнување во мојот живот“, изјави тој во средата во Брисел.

Како најголеми успеси на ЕУ ги наведе: „Нискобуџетниот авио-сообраќај, роаминг-тарифите и програмата Еразмус, која беше еден од одличните начини за поврзување на младите… за приближување на Европа. Но ќе мора да почнеме да ги браниме тие слободи.“

„Европскиот парламент е говорница за идиоти“

О’Лири остро се спротивстави на напорите за зголемување на даноците и регулативите, како белгискиот предлог за повисок данок за авијацијата и иницијативата на Европски парламент за проширување на правата на патниците, вклучително и можноста за носење повеќе бесплатен багаж.

Нацрт-предлогот на Парламентот го нарече „луд и нелегален“ и додаде: „Парламентот е говорница за идиоти, каде што единствено што прават е измислување и наметнување повеќе трошоци и повеќе регулации за европските потрошувачи и граѓани.“

Како реакција на белгискиот даночен предлог, Ryanair најави намалување на капацитетот за еден милион седишта на аеродромот Брисел Саут Шарлроа во 2026 година. Бидејќи данокот не бил укинат, О’Лири во средата потврди дека во 2027 година компанијата ќе го намали капацитетот за дополнителен милион седишта и ќе го намали бројот на авиони на аеродромот Шарлроа од 19 на 15.

Наместо оданочување на патниците, О’Лири предложи европскиот Систем за тргување со емисии (ETS) да се примени и на долголиниските летови надвор од ЕУ, кои моментално не се опфатени.

„Ако навистина сте сериозни околу еколошките даноци тука во Белгија, применете ETS на американските летови, применете ETS на азиските летови и на летовите кон Заливот“, рече тој. Сепак, призна дека тоа би можело да предизвика судир со САД и дека „никогаш нема да се случи додека Трамп е во Белата куќа“.

Слични содржини