Шекеринска: На 30 септември да гласаме ЗА европска Македонија

од desk2
79 прегледи

Нашето членство во ЕУ и во НАТО нема да биде подарок. Во изминативе години покажавме дека направивме и жртвувавме многу за Македонија да дојде до вратата на ЕУ и НАТО. Ние сме подготвени да го завршиме нашиот дел од работата. Кога ќе влегуваме во НАТО и ЕУ ќе влеземе како Македонци, ќе кажеме дека го говориме мајчиниот македонски јазик и ќе бидеме горди на нашата македонска култура и традиција и нашиот идентитет ќе го зацврстиме.

Ова вечерва го истакна вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска на трибината со граѓани во општина Аеродром.  

– Одлуката на 30. септември ја носиме сите ние. Дали отворената врата ќе ја искористиме и ќе трчаме по патот на кој доцневме толку години или ќе продолжиме да чекаме и да тонеме во калта од која сите бегавме овие изминати десет години, рече Шекеринска. Додаде дека е убедена оти на 30 септември граѓаните ќе го искористат правото на глас.

Повика на сплотување и упати порака до 30 септември граѓаните да разговараат со пријателите, соседите, роднините, со оние со кои политички не се согласуваат за, како што рече, шансата која може да се искористи, да не се испушти.

– Од една страна е понудата на 30 септември, да се учествува и да се гласа. Да се гласа за европска Македонија. Од другата страна јас не гледам ништо. Од другата страна нема понуда, од другата страна нема предлог, од другата страна нема алтернатива, рече Шекеринска.

Таа потсети дека во изминатиот месец Македонија ја посетија повеќе политичари. – Требаше една година паметна политика, чесна политика, за Ангела Меркел да дојде во Македонија и да покаже дека Германија стои со нас и зад нас, рече Шекеринска.  

Оваа недела Македонија рече, ја посетија тројца министри за одбрана на Италија, Германија и САД, а нашиот премиер заминува на средба со потпретседателот на САД.

– Ни треба членството во ЕУ за да им дадеме шанса на нашите општини да обезбедат локален развој кој големата политика ќе ја приближи во домот на секој граѓанин, рече Шекеринска.

На трибината присуствуваше и европратеникот Ханс ван Бален, претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ) кој упати порака до граѓаните да излезат и да гласаат „за“.

– На македонски гласам „за“, рече ван Бален.

Слични содржини