Шекеринска-Пахор: С.Македонија и Словенија ги поврзува цврсто пријателство и соработка

од Берта Китинска

Со средба со претседателот Борут Пахор, министерката Радмила Шекеринска ја заврши еднодневната официјална посета на Република Словенија што се реализираше на покана на министерот за одбрана, Матеј Тонин.

Во разговорот со словенечкиот претседател, Шекеринска изрази благодарност за континуираната поддршка на нашата земја.

„Северна Македонија и Словенија ги поврзува цврсто пријателство и соработка кои траат со децении. Вашата поддршка за нас е особено важна сега кога во ЕУ се прават напори да се обезбеди консензус околу проширувањето со земјите од Западен Балкан”, истакна министерката Шекеринска и посочи дека нашите очекувања се дека во ЕУ ќе надвладее ставот дека билатералните прашања меѓу земји членки и земји аспиранти не треба да го попречуваат преговорачкиот процес.

Претседателот Борут Пахор порача дека Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и дека претстојното словенечко претседателство ќе го врати регионот во фокусот на ЕУ.

На средбата се разговараше и за проблемите што ги предизвика пандемијата како и проблемите предизвикани од недостигот на вакцини.

Централен дел од посетата на Словенија беше средбата со министерот за одбрана Матеј Тонин, со кого Шекеринска дискутираше за соработката во одбраната, и развивањето на НАТО капацитети во Република Северна Македонија.

Министерката Шекеринска во Љубљана ги посети и Националниот центар за кризен менаџмент и НАТО центарот за извонредност во планинско војување при што се запозна со нивната улога и функционирање, а имаше средба и со парламентарниот Комитет за одбрана.

Слични содржини