Шекеринска: Пријателите ни отворија врата, наше е дали ќе го преминеме прагот

од desk2
147 прегледи

Немаме дилеми дека сакаме во НАТО и ЕУ. Но, сега кога го сакаме тоа, го имаме моментот да кажеме што сакаме, да кажеме дека оваа држава и овие луѓе знаат што сакаат. Тие сакаат вистински патриотизам, патриотизам кој на младите ќе им даде шанса да не се плашат да обезбедат подобро за себе, за семејствата и за државата, рече вечерва министерката Радмила Шекеринска на трибина во Општина Кисела Вода. 

Шекеринска ги повика граѓаните на 30 септември да излезат и да гласаат за иднината на Македонија.

Пред присутните забележа дека на дебатите се приклучуваат се повеќе луѓе на кои им е важна иднината, а не политиката.

Во духот на спортските стратегии, правејќи паралела со состојбата во Македонија, Шекеринска рече дека во фудбалот има три правила кои важет и за нас, а тоа се да се покаже храброст, да се решаваат проблемите и да не се пропушти шансата. До сега, според неа, првите две се испочитувани, но останува уште последното – да се искористи шансата.

Се осврна на придобивките од евроатлантските интеграции, но потсети и на подршката што ја доби земјава од ЕУ и НАТО кога минуваше низ, како што рече, тешки периоди. Зборуваше и за слободата на изразувањето кое, според неа, е евидентно последниве две години. Медиумите ја критикуваат власта, рече, и никој притоа не оди во затвор.

– Можеме да видиме како изгледа европска солидарност кога нејзините членки се соочуваат со проблем. Видовме колку се промени Бугарија, не е веќе како пред 20 години. Ние тогаш имавме подобри патишта и подобра економија. Но, 20 години бевме надвор, а тие се трудеа и влегоа внатре, рече Шекеринска. 

Македонија за време на конфликтот во 2001 година не повика никој друг, туку НАТО и ЕУ, а од нив доби гаранција и помош.

– Сега треба да се надеваме на членство, а не да бараме помош, истакна Шекеринска.

Се осврна и на т.н. дипломатска офанзива, истакнувајќи дека оваа недела по 14 години дојдоа тројца министри за одбрана и двајца за надворешни работи, а пред не посети и канцеларката Ангела Меркел.

– За промените, потребна е помош од пријатели. Тие се тука да покажат дека за Македонија е отворена вратата, а наше е дали ќе го преминеме прагот, подвлече министерката Шекеринска.

Слични содржини