Република Северна Македонија од денеска и официјално е на заедничка маса со своите сојузници од НАТО. Првата таква можност ја имаше министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска и утре присуствува на Северноатланскиот совет на НАТО,а претпладнево имаше и средба со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Шекеринска во интервју за МИА, направено во седиштето на НАТО во Брисел, говори за процесот на ратификација на пристапниот Протокол за членството во НАТО, за очекуваните реформи на домашен терен, за капацитетите на армијата и учеството на наши војници во странски мисии.
Министерке, пред се, сакам да Ве прашам како Ве примија утринава овде во Брисел. Имавте средба со Столтенберг, ќе имате уште билатерални средби, каков е овој прв ден во НАТО не како земја партнер?
-Вообичаено ваквите големи средби се стресни, а денеска се возбудливи. Јасно е дека на оваа средба ние сме добрата вест, како што бевме и на претходниот самит и мора да ги искористиме овие пет минути. Нема да траат долго, но за мала држава како што сме ние, оваа шанса ретко се пружа. И кога ќе се пружи треба да се искористи. Денеска сите со кои што разговаравме повторуваа дека ова е наш заеднички успех. Ако ова го третираат како успех на НАТО, мислам дека ни е јасно колку е голем нашиот успех. И во право се, немаше да успееме ако двете страни од равенката не беа исполнети. Ни требаше и поддршка од сојузниците и од Алијансата, и навистина ја добивме. За разлика од одредена воздржаност на почетокот во 2017 година, навистина потоа го добивме и генералниот секретар и заменик-генерален секретар и целиот негов тим да работи со нас и да не поддржува. Но, од друга страна, ништо не ќе можеа да направат ако ние не си ги доведевме во ред нашите работи. И затоа, ова е успех што сите ние треба да си го признаеме и да си го честитаме. Меѓутоа, работата продолжува.
Попладнево и утре треба да присуствувате на Северноатлантскиот совет на НАТО, НАК, како што овде го викаат. Прво едно практично, техничко пршање. Каков ќе биде називот? Дали Северна Македонија веќе попладнево ќе биде на масата?
Според последните информации, стои нашиот статус, а тоа е дека сме поканета (инвајти). Јас се надевам, штом ќе стигне практично нашата нота, која ќе биде упатена до сите земји и до организации, како НАТО, во тој случај ќе почне да се применува. Ние го применуваме, меѓутоа и тие ќе почнат да применуваат името Сеерна Македонија.
Значи, од утре, од утрешниот Северноатлантски совет?
Јас мислам можеби и веќе попладнево. Беше интересно минатата недела имавме еден колега, еден од вработените во Министерството за одбрана беше на технички состанок во НАТО и сабалјето работеле во првата пауза излегле се напиле кафе местото му било сменето, сега сте веќе земја која што е поканета да присуствува, а не сте веќе само партнер. Преку ноќ се менуваат работите и покажуваат колку е тенка понекогаш линијата помеѓу успех и неуспех, овојпат бевме на вистинската страна.
Една од информациите што ги добиваме како новинари е дека процесот на ратификација би требало да трае една година. Меѓутоа, тој процес може да се забрза доколку Македонија доволно ревносно работи на тие реформи и ги убеди другите сојузници дека заслужува што побргу да биде покриена со тој член пет и да биде дел од оваа Алијанса. Има ли шанси и како работите вие и другите министерства на овие реформи, да речеме до декември, да можеме на Самитот во Лондон да станеме членки?
Процесот на ратификација е малку понепредвидлив од она што го имавме досега. Досега разговаравме со извршните власти, знаете кои се претставници, знаете кои зборуваат во име на членките, знаете кој зборува во име на НАТО и тука ако ги убедите, реално резултати се случуваат. Парламентите се, знаеме тоа и од нашиот пример, понекогаш понепредвидливи, затоа што процедурите знаат да бидат прилично комплексни. Денеска и на средбата со генералниот секретар ја слушнав истата формулација, а тоа е дека никој не очекува некоја земја членка да има суштински проблем поради што би се одложила ратификацијата. Тоа е во суштина и вашето прашање. Меѓутоа, факт е дека оваа година ќе има европски избори, кај некои од земјите членки има и национални избори, а кај некои земји членки, како на пример Белгија, знаете колку е комплексен процесот на ратификација – неколку парламенти, неколку процедури. Ние ќе го правиме нашиот дел од обврските. Ќе испорачуваме добри резултати, ќе ги сработуваме реформите што ги најавивме, пред се, заради самите нас не толку заради ратификацијата, бидејќи мислам дека ги убедивме сите земји членки на НАТО, сите 29 дека навистина Македонија за година и половина се трансформираше, практично не е истата земја. Ние сме свесни дека има многу други прашања што треба да ги решаваме, меѓутоа да се поместите од земја што беше на раб, насилство во парламент, поделена по сите основи со прекршен Устав, во земја што ги средува работите, ги решава проблемите со соседите, спроведува домашни реформи, ја прави демократијата да биде видлива како што беше пред пет, шест, 10 години. Тоа не е лесно и сојузниците тоа го ценат и мислам дека не е случаен овој прв бран – бран на ратификации. Видете, првиот ден штом можеше Словенија го ратификуваше Протоколот, а најавите се дека Албанија утре ќе ратификува. Денеска бугарскиот колега ми кажа дека тие веќе го пуштиле во процедура и очекуваат ратификација следната недела. Во Романија ратификацијата, исто така, се очекува веќе следната недела. Тоа не се случува лесно и тоа е заслужено. Но, велам, до крајот на годината ќе работиме особено на нашите домашни реформи – правосудни, одбранбени заради нашите граѓани и заради нашите институции. Вие знаете дека оваа година имаме и други амбициозни планови – почеток на преговори со ЕУ, немаше и нема време за одмор и ние тоа го знаеме.
Тука се поклопуваат и реформите. Конкретно за правосудството, за владеење на правото, има бројни критики во јавноста, ги знаете. Исто така околу разузнавачките служби до каде сме со таа реформа и дали има ризик од застој во одреден момент? Каква е проценката засега и кои се забелешките?
Нема да дозволиме да направиме грешка во чекори која ќе ги загрози нашите стратешки интереси. Таква не направивме ни минатата година, таква не направивме ни кога бевме бирани за Влада. Понекогаш брзите решенија изгледаат многу атрактивни, ама после некое избрзано решение ќе паднеш на првиот чекор. Не дозволивме тоа да ни се случи. Во правосудството по малку функционираме и со врзани раце. Владата мора да создава правна рамка, амбиент, ама на крајот правдата не треба да зависи од извршната власт, инаку ќе се вратиме од таму каде што тргнавме. Меѓутоа, верувајте дека сме свесни со колкава лупа не гледаат и граѓаните, и ЕУ, и НАТО. Јас очекувам дека искуството позитивно кое го покажавме, на пример, со Антикорупциската комисија, со Законот за борба против корупција ќе го повториме и за едно исто така важно прашање – Законот за СЈО, односно измените во Законот за обвинителство со кои овој орган, ова Обвинителство ќе добие многу, многу важна работа. Сето ова се работи кои можеме да ги завршиме. Но, апелот е и до правосудството и до обвинителите и до судиите мораме да си го заработиме нашиот ангажман, а единствен начин на кој судиите и обвинителите ќе си го добијат, заслужат своето место, својата функција, и да делат правда по право, по закон, по оние врвни критериуми на етика и морал. Исто така, како што е наша обврска да го заслужиме нашиот мандат со тоа што нема да им се мешаме. И знам дека понекогаш очекувањата се високи, но, ако ние почнеме да користиме „црвен телефон“ за да јавуваме пресуди, ќе завршиме во некоја нова верзија на старото ВМРО. Тоа не сакаме да го направиме. Во делот на разузнавачките структури повеќе имаме и обврска, имаме и повеќе можност да менуваме. Првата фаза беше успешна завршена. Целосното преземање на системот за законско прислушкување надвор од МВР, создавањето на независна институција, изборот со двотретинско мнозинство на директорот и создавањето на елементи на собраниска и граѓанска контрола навистина го изведовме по книга и добивме пофалби. Тоа беше еден од големите плусеви и во НАТО и во ЕУ. Сега одиме во втората фаза каде што зборуваме за генерална реформа на овој систем. Предноста е што ќе ја работиме исто заедно и со ЕУ и со НАТО и ќе ја направиме така да покажеме дека само професионалноста е критериум, партиите имаат свој терен за работа. Професионалците мора да бидат способни без партиски интервенции да ја вршат својата работа, не да ја злоупотребуваат, не да ја зајакнуваат. Македонија страда од премногу дискусија за разузнавачи, за информации – точни и неточни. Сето тоа ќе го направиме така да Македонија може да смета дека и тој дел од обврските се завршени.
Има ли Македонија капацитет? Оваа забелешка ја слушнавме од НАТО неколку пати, да управува со сензитивни, чувствителни информации и што останува да се направи до полноправното членство во тој дел?
Ова е важен тест дури и за постоечки членки. Сегашните технологии, сегашниот притисок на сајбер напади, на хибридни закани ги прави дури и земјите членки на НАТО понекогаш порозни за ваков упад. Ние ќе треба да покажеме дека нема да бидеме најслабата карика. Затоа работевме и минатата година на подготовка на еден тип на систем, обезбедување на опрема и заедно со НАТО работиме на воспоставување на таа мрежа за размена на информации што ќе биде и софистицирана и безбедна. Имаме луѓе, секогаш требаат повеќе. Она што е важно е дека имаме систем што нема да дозволи поеднци од внатре не да го корумпираат, туку да го упропастат. Низ овој период од една година ратификации ние ќе покажеме дека нема да бидеме слабата карика.
Во делот за финансиите и за буџетот, до 2024 треба да ги постигнеме тие два услова. Ние ја имаме таа заложба, ќе ги постигнеме ли?
Нашиот план го дефиниравме во 2017 и покажавме дека и во 2018 и во 2019 година го испорачавме ветеното, а тоа е 0,2 отсто од БДП секоја година раст и со тоа ќе дојдеме во 2024 до два процента од БДП.
А тие се во кеш или се капацитети и придонес во мисии?
Тие се пари што стануваат пари во буџетот на одбраната. Значи, тоа не се два отсто што ние ќе ги земеме од македонскиот Буџет и ќе ги префрлиме на НАТО-сметка. Не, тоа се пари со што ќе ја финансираме нашата одбрана. Со нив ќе можеме да обезбедиме помодерна армија, подобро опремена, со нив обезбедуваме повеќе шанси за подобри услови за припадниците на АРМ и тоа беше причина зошто ние и минатата и оваа година можевме да ги покачиме платите на сите што се во армијата. Оваа година ги покачуваме и во армијата и во Министерството за одбрана. Го зголемивме нашиот придонес во Авганистан, го зголемивме нашиот придонес во Либан и во исто време од оваа година ги почнуваме сериозните проекти за модернизација на армијата. Велам не е тоа нешто што ќе му „платиме“ на НАТО за да можеме да бидеме членка. Тоа се пари што ќе ги инвестираме во нашата одбрана, но таа одбрана ќе биде и дел од колективната одбрана.
Дали Македонија отсега ќе испраќа уште војници на нови воени жаришта? Дали има некакви планови и што значи членството во НАТО за заштитата на тие војници? Дали ќе имаат дополнителна заштита со членството во НАТО?
Ние денеска исто како и пред да бидеме поканета членка имавме свои војници во неколку НАТО-мисии, во ЕУ-мисиите, како таа во Босна, и во мисии на ОН, како што е таа во Либан. Тоа ќе го продолжиме, меѓутоа, се разбира дека ќе носиме одлуки за бројките во зависност од светските проблеми, во зависност од позициите на НАТО и во зависност од одлуките на нашите институции. Ние и оваа година планиравме и планираме зголемување на нашиот придонес во Авганистан, има голем интерес и кај припадниците на АРМ да учествуваат не само во мисијата во Авганистан, туку и во некои други, како на пример во Ирак каде што многу наши припадници на армијата веќе беа и разгледуваме опции, покрај нашата соработка со САД, Германија, Турција и Италија, да соработуваме и во заеднички мисии под покровителство на ЕУ со Франција. Тоа ни е, како да кажам, амбиција, план што ќе покаже дека Македонија не е само амбициозна на планот на НАТО-членство, туку дека покажуваме иницијативност и во делот на ЕУ.