Шекеринска во посета на Лесниот пешадиска баталјон во штипската касарна: Создаваме единица која што гордо ќе го носи и македонското знаме, ама и значката на НАТО

2021 година ќе биде година на интензивна секојдневна обука на Лесниот пешадиски баталјон, со цел нашата НАТО декларирана единица, Лесната пешадиска баталјонска група, да постигне целосна борбена готовност до средината на 2022 година, кога и ќе бидат оценети според НАТО стандардите.

Министерката Радмила Шекеринска која денеска ги посети припадниците на Армијата кои се дел од нашата НАТО – декларирана единица изрази уверување дека иако рокот за подготовка е краток, а очекувањата високи, со покажаното водство и посветеноста на младите војници, најавуваат успех. Додаде дека и минатата и оваа година, вложувањето во оваа единица е приоритет.

„Во 2021 година главниот акцент ќе го ставиме токму на нашиот капацитет во Штип. Овде и во текот на 2020 година, но особено оваа година, ќе обезбедиме навистина подобри услови за работа, за вежбање, за подготовка за НАТО предводени операции. Затоа задоволство ми е да кажам дека тука своја шанса за работа и за напредок ќе добијат најдобрите млади војници, подофицери и офицери кои што ќе ги исполнуваат повисоките критериуми и кои што ќе покажат резултати“, рече министерката Шекеринска. Додаде дека обуките се започнати во 2020 година заедно со тимовите на Обединетото Кралство, а сега тие обуки ги продолжуваме самостојно.

„Научивме тоа што може од сојузниците, сега продолжуваме и самите да работиме и да создаваме единица која што гордо ќе го носи и македонското знаме, ама и значката на НАТО припадност“, рече министерката.

Министерката истакна дека после долги години Армијата има нова целосно комплетирана борбена униформа, а обезбедуваме и нова спортска опрема за секој припадник на Армијата. Истакна дека на припадниците на Лесниот пешадиски баталјон им се доделени дополнителни примања и дека оваа година стартуваме со реконструкција на два објекти во Штип.

Шекеринска порача дека 2021-та година е година во која ќе го покажеме своето место во Алијансата и ќе докажеме на дело дека сме посветен сојузник.

„Ако во 2020-та година, главниот позитивен настан за сите нас беше членството на Република Северна Македонија во НАТО, после речиси триесет години чекање или трчање, во 2021 година, на сите нас во одбраната фокусот ќе ни биде да го практично докажеме и да се покажеме на дело какви сме како членка на Алијансата“, заклучи министерката.

Слични содржини